Веспрем победи во Задар и се израмни со Вардар

Веспрем е победник на 11 сезона на меѓународната лига СЕХА. Вечерва во финалето на Ф4 турнирот одржано во Задар, Веспрем го совлада ППД Загреб со 32-30 во драматичен меч во кој Унгарците се враќаа по минус шест на полувреме. 
Сега Веспрем сега има пет шампионски пехари, исто толку има и Вардар, а еднаш победил ППД Загреб. Веспрем петте пехари ги освои од само шест учества.



Гледајќи го Веспрем против Еурофарм Пелистер, се доби впечаток дека се од друга планета и далеку надмоќни во однос на конкуренцијата. Гледајќи го против ППД Загреб, беа далеку од таква импресија. Напротив, поради борбеноста, мотивацијата и срчаноста, симпатиите беа за хрватскиот првак. Но, тоа пак бепе предуслов да гледаме одличен и израмнет ракомет. 

Ивица Обрван очигледно добро си ја знае своата работа и го водеше својот клуб во импресивно прво полувреме во кое Веспрем беше тактички и резултатски надигран. 
„Штета што не е крај. Со екипа каква што е Веспрем, никогаш не се знае“, коментираше Обрван на полувремето. И во случајов, добро знаеше што зборува.

„Тешко се игра против екипа која одлговлекува со нападот, а судиите тоа го толерираат“, изјави Момир Илиќ едвај успевајќи да ја скрие фрустрацијата на полувремето. 

Во вториот дел Веспрем тактички не го надигра Загреб, но нивните скапи и врвни интернационалци буквално ја прегазија одбраната на хрватскиот првак. Особено во пробивите игра еден на еден. 
ППД Загреб ја испорача и својата порција на грешки во напад, а тоа беше казнето со контра напади и Веспрем успеа да израмни (25-25). 
Загреб успеа да поведе со два гола уште еднаш (28-26), но имаше доволно време за Веспрем. Цупара одбрани кога најмногу им требаше, прв пат на мечот поведоа со 30-29, а потоа и со 31-30 и 32-30 што беше конечен резултат. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk