Шампион фаќа залет од Струга


Јубилејниот струшки турнир заврши, но Струга нема да остане без ракометни гости. Во малиот град на брегот на Охридското Езеро познат по поезија и ракомет и натаму се слуша тренерското и судиското свирче. 


Големиот хотел Дрим останува на туристите, но малиот и реновиран Солферино (некогашен Црвен крст) нуди идеални услови за тренинг камп за летни подготовки на ракометните екипи. 
Скопскиот суперлигаш Шампион, екипа од женскиот шампионат деновиве ги користи последните летни сончеви зраци на брегот за да стигне до нивото да може да ги поднесе натпреварувачките напори. 




Во женскиот домашен ракомет тренд е работата со младите категории, инспирирани од резултатите на кадетската репрезентација и перспективата што се отвора пред нив, а Шампион ќе биде веројатно најмладата екипа во следното првенство. Од ланискиот тим останаа само две ракометарки, другиот дел од составот е пополнет со играчи од кадетскиот и пионерскиот тим. Нивните кадетки лани играа на Фајнал фор и го освоија третото место.
Има и три играчи што дојдоа од други клубови. Тоа се Јана Спасевска која дојде од Металург, Јана Ристовска која дојде од Ѓорче Петров и Сашка Филипоска која лани играше во екипата на Чаир. 
Спартанските тренинзи што почнуваат уште во 07 часот ги водат Слободан Чивлачки и Силвана Карбеска, а во Струга не може без стружанец, во случајов на Шампион, Даниела Новеска, поранешна ракометарка на Кометал, Еуростандард и екс репрезентативка е дел од тимот. 

Тренинзите се на отвореното игралиште, условите кога времето дозволува се идеални, а кога организациски треба помош секогаш има каде да се обратите, таму Ана Нелоска се бори со сите предвидливи и непредвидливи проблеми.
Кога времето не дозволува, тогаш салата Нико Нестор е на располагање. Тогаш патот ќе ви се вкрсти со една струшка ракометна легенда по име доктор Јован Трпеноски. 
Струга и ракомет како множества, во последните 30+ години како константа во пресекот го имаат Јован Трпеноски. Човекот за сето ова време и сите овие години посветени на ракометот, заслужил во најмала рака една улица што води од „Женска плажа“ кон „Нико Нестор“ да го носи неговото име. 

Трпеноски е задолжен и во живот го одржува ракометниот бренд Стружанка, па Шампион и Стружанка ќе одиграат три контролни натпревари од кои едниот ќе биде и со одредена возрасна категорија. Во сабота завршува струшката авантура за Шампион, а потоа на враќање ќе играат и еден меч во Битола.

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk