КОМЕНТАР: Се гледаат контурите на системот

Кадетската репрезентација на Македонија успеа со многу борба со особено во финалето да ги оправда не само очекувањата на јавноста, туку и многу подлабоко да ги оправда сите напори што се вложени во минатава деценија. Ова што сега се случи не е плод на случајност, туку е резултат на огромно количество на вложен труд. 


Македонските кадети исто како и нивните врснички минатата година успеаја да победат на ЕХФ Шампионат и да си обезбедат место за себе на следниот мундијал и следното „А“ Европско првенство. И за нашите простори многу важно, си купија „раат“ од една година.
Сега паѓаат златни алтани од устите кога се зборува за кадетите. И нека е така. Нека уживаат во моментот, свесни дека и тоа нема да трае вечно. Кај нас тоа трае, една година, точно.
Следната кога ќе истрчаат на мундијалскиот терен во Хрватска, очекувањата од нив ќе бидат поинакви, а и конкуренцијата, за волја на вистината. 
Малку „фалеше“ и се да биде поинаку и да увидат дека среброто не е злато и во Македонија не се цени и колку малку, еден шут или една одбрана се доволни за да си од едната или другата страна на медалот.
Беа и таргетирани и ставени на тапет, од изборот на играчи до се понатаму.
Селекторите? За нив беше спремен посебен круг во пеколот. За РФМ исто. Не сакаме ни да помислиме како ќе изгледаше се, ако не победеа. 

Пласманот на кадетите и кадетките не е плод на случајност. На толкаво количество вложен труд, коцките некаде мораа да се склопат и резултат некаде мораше да се покаже. 
Првата наредба од оваа раководна гарнитура на РФМ, на првото изборно собрание во 2013 година беше следнава: Сите машки и женски младински и кадетски екипи да бидат редовно пријавувни во квалификациите. Без оглед на резултатот од истите. Сведок сум на тој момент. 

ДАЛИ СМЕ БРОЈ 1?
Потоа следеше надоградбата. РФМ бараше и добиваше организација на младински првенства и шампионати за да ги врати младите категории на ракометната карта. Македонија од 2013 до сега организираше У18 Светско првенство жени (2014), У17 Европско првенство жени (2015), У17 ЕХФ Шампионат жени (2017), М20 ЕХФ Шампионат (2018), Кадетско светско првенство мажи (2019), У19 ЕХФ Шампионат жени (2021), У18 ЕХФ Шампионат мажи (2021), Светско кадетско првенство жени (2022) и добиена е организација на Светско јуниорско првенство жени (2024). 
Можете слободно да проверите, но Македонија е (веројатно) број 1 во Европа, следствено бројот на органзирани младински првенства и шампионати. А тоа не е мала работа.

ЕДЕН СЕЛЕКТОР ЗА СИТЕ
Еден селектор на сите репрезентации не измислено затоа што нема доволно други тренери, па мора еден да биде. Тоа е систем што е дизајниран за се спроведе друг систем - на игра. Сите репрезентации мораат да играат на истиот начин за да можат подоцна во финалниот производ - А репрезентацијата да влезат како готови продукти, а не играчи што допрва ќе треба да учат како да се движат или да ги учат акциите. Да не навлегуваме и во повеќе детали од типот што покрај добрите, ги носат и своите маани. 
Откако еднаш ќе се воспостави системот, секоја репрезентација си има свој селектор но сите треба и мора да работат координирано. Секој во својот дел ќе го има главниот збор, но стратегијата се прави за сите. Токму летово го имавме на дело сето ова. 

СТРАТЕГИЈАТА БАРА И „ЖРТВИ“
Заеднички беше донесена одлуката на ЕХФ Шампионатот во Варна за Генерација 2002 да настапат кадетите од 2004 со неколку јуниори што немаа многу минутажа на претходниот настап. Генерацијата 2002 ако победеше на Шампионатот во Варна, ќе имаше шанса во квалификации со екипи што испаднаа од ЕХФ Еуро (Полска, Хрватска, Норвешка, Ц. Гора) да се бори за место на СП. 
Влогот кај генерацијата 2004 беше ЕП и СП и одлуката беше тие да играат во Варна и да се стекнат со самодоверба пред се, а потоа и рутина, искуство... Нормално, сето ова е неизводливо доколку не вистинските места не се постават вистински луѓе. 
Ова сигурно ќе им се удреше од глава на селекторите, но кадетите победија и го оправдаа ризикот, а стратегијата се покажа исправна. 
Швајцарија на пример, нашиот противник во финалето не направи така. Тие го испратија најсилниот тим во Варна, а во Рига дојдоа со нов кадетски тим. Не победија ни во Варна, ни во Рига. 

СЕ ГЛЕДААТ КОНТУРИТЕ НА СИСТЕМОТ
Македонската А репрезентација е во многу чувствителна фаза на транзиција и во ситуација кога веќе играчки не може да смета на вонсерискиот Кирил Лазаров кој досега беше столбот на тимот, а уште повеќе ни на Мируловски и Стоилов. 
За во прв момент да опстанеме на големата сцена мора да се прошири базата на играчи и да се воигра стил на игра. Неколку млади играчи имаа шанса да дебитираат за А тимот, но далеку сме од тоа дека работата е завршена. Јуниорите сега преку клупски настапи, а кадетите и преку СП и ЕП треба да напредуваат и да го зголемат изборот на играчи што би можеле да конкурираат за А тимот. Ако стигнеме со квалитет да имаме повеќе од 25 играчи конкурентни за првиот тим, ќе може слободно да се воигрува и т.н развојна или Б репрезентација.

Ова главно се однесува до активностите на РФМ и селекторите, но базата првенствено треба да се создава во клубовите. Другите фактори како Ракометната академија, ракометните школи, училиштата, треба да бидат додадени вредности. Севкупно треба да се формира систем за кој веќе има доволно елементи да почне да функционира и да го менува начинот на кој се размислува, да се промени спортската култура на живеење и место со телефон да се игра со топка. 

ШТО НЕ НИ СЕ ДОПАЃА
Во моментов младинскиот ракомет ни се наоѓа на убава позиција, но тоа не значи дека ќе трае довека. Некогаш победуваш некогаш губиш, но треба да се знаат можностите и границите. Ако се сеќавате ние пред 5-6 години имавме генерација за која верувавме дека е супер-талентирана и дека може до медал, а излезе дека е „малку“ поинаку, па ја загуби и битката за опстанок. 

РФМ мора што поскоро да формира репрезентација од Генерацијата 2006 затоа што тие според најавите ќе треба да играат квалификации за М18 ЕП. А оттаму се бара пласман и за СП и М20 ЕП. Таа генерација ќе треба да влезе во системот и да соработува со сегашниве кадети и да се кали за тие квалификации. 
На врв на топ листата на работи што не ни се допаѓаат е системот на натпреварување во младинските категории. Едноставно кажано - премалку натпревари. Посебна тема е тоа и има многу што околу неа да се каже, но сметаме дека треба да се најде поинаков модел со кој би имале повеќе натпревари. 





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk