КОМЕНТАР: Се гледаме за две години

Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредниk на g-sport.mk

Женското кадетско Светско првенство утре ќе го има својот последен ден. Кореја и Данска во финале, Унгарија и Франција во битка за бронзен медал. Македонија е на 12 место. 



Во духот на македонскиот ракометен фолклор имаме лавина критики, повици за смена на селектор, анализи, предвидување итн. Не сме поштедени ниту ние како медиум, добивме доста прашања, критики и слично, па ќе се обидам од мој агол, да ги презентирам работите. 

РЕЗУЛТАТ
Македонија е на 12 место и тоа е џек пот резултат за оваа репрезентација. Дури и овој пласман не е најреален затоа што е со потпис на домаќинството на СП, но правилата не ги измисливме ние, а на теренот не 12, туку имавме реална шанса да бидеме и меѓу осум. Таа шанса ја испуштивме и сега на мундијалот (делумно) се гледа како на резултатски неуспех.
Но, колкумина од вас што беа овие денови во „Борис или Јане“ и ги видоа не дело не само македонските ракометарки туку и тие другите сметаат дека нашето место е меѓу осумте најдобри во светот? 
Овде имавме шанса да се „прошверцувме“ меѓу осумте и тоа ќе беше резултатски огромен успех, но  реално и долгорочно, има подобри екипи кои со традиција се во тоа друштво. Впрочем, следната година истиве играчи ќе играат на ЕХФ Еуро каде што се најдобрите 16 европски тимови, па ќе правиме споредба. 

СЕЛЕКТОР
Повиците за смена стигнаа и пред да почне мундијалот, потоа само се надоврзаа, повторуваа и добиваа на масовност. Треба ли да се смени? Секако. Па под неговото водство за оваа година и нешто стигнавме до ова дереџе да не можеме ни во едно 1/4 финале на светско да се пласираме. И место да играме фино-лепо за медал, ние таму во исти кош со некоја си Норвешка, Германија и Хрватска играме за девето место. Смена и тоа итно.



Во еден момент, по мечот со Германија на кој бевме сосема надиграни од финалистот на ланското ЕХФ Еуро, селекторот изјави дека ја презема одговорноста за ваквиот развој. Тоа веднаш беше протолкувано дека е направена погрешна проценка и целата стратегија паѓа во вода. Сериозно?!
Селекторот го подметна грбот и стана пињада за секакви експертизи, но кога сега би почнало СП пак би било исто.
А кои се другите алтернативи? Да штеди сили на мечот со Исланд и Шведска за влез во 1/4 финале за да може да парира подобро на Германија во меч за деветто место?
Повеќе ротации и подобро распоредување на сили? Да, тоа звучи како вистинско решение. Но, по оние 2-8 на почетокот со Узбекистан, нерешено со Иран на полувреме, навистина ме интересира кој селектор би ротирал и распоредувал сили и потоа презел одговорност.
На крајот на краиштата и беше штедена на пример Ива Младеновска, единствениот наш бек што шутира од „девет“, заради нејзиниот проблем со коленото и не играше на почетокот на СП.
Едноставно, нашиот ростер, а и квалитет е тој што е. Се виде и кога ротираше на пример со Хрватска (иако и тоа не е репер) како изгледавме на терен. 
Рекацијата кон Чурлиновска е момент што како едвај да беше дочекан и малтене се закани да го засени целиот мундијал. Не доликуваат нервозни реакции особено кон млади ракометарки.  Тоа не е ни за дискусија. Дали опцул или не како што тој вели, сепак, треба да разгледуваат надлежни.
Реакциите се разбирливи, но ако сакаме да постои ред како што сакаме, тогаш треба и да бидеме првите што редот ќе го почитуваат. Затоа и постојат служби во РФМ што треба да го разгледаат овој момент и да реагираат соодветно. Правда не може да се дели со викање и пцуење, но не може ни со вили, секири или тастатури. 

ПОГРЕШНА СЕЛЕКЦИЈА НА ИГРАЧИ, ПОГРЕШНИ ПОДГОТОВКИ, ПОГРЕШНА ТАКТИКА

Делот на критики што ги содржат наведените зборови за разлика од општите критики главно доаѓаат од луѓе повеќе го познаваат ракометот, дел од нив работат во клубови. 
Да имавме играчи високи 185 или повеќе што можат не да шутнат, туку да шутираат преку противничка зона во гол, а не се повикани во тимот, со две раце ќе потпишевме дека селекцијата е погрешна.
Вака, остануваме на тоа дека козметика е во прашање и дека не е изоставен играч што би можел да направи разлика на меч каков што игравме со Шведска или Исланд.
Не сме ги следеле до толку кадетките, искрено, за да кажам со сигурност дека нема еден или два играча што би можеле да бидат меѓу овие 16. Но, сигурност можам да кажам дека и да било обратно, односно од овие 16 некои да биле изоставени, дека ќе имало исто вакво незадоволство, а резултатите не би биле поинакви.
А замислете само, место од 25-30 колку што реално овде има играчи за избор, да треба од 2.500-3.000 или којзнае колку илјади од кои селектира на пример Франција да треба да се изберат 16. И во духот на македонскиот фолклор неаздоволните од тоа што „не се избрани токму тие што сметаат дека треба да се“, се кренат против селекторот. 



Погрешни подготовки. Ова, искрено и не го разбрав најточно, но во неколку наврати видов таков коментар. Не знам што е погрешно, нешто што тренерскиот тим го одработил, па го нарушил континутетот што играчите го имаат во клубовите?
За селектор кому секој збор до грам му се мери колку тежи некако брзо избега изјавата дека
„70 % од играчите на подготовките се појавиле во катастрофална физичка форма“. Направени се тестови. Не е професионално, но кога би биле достапни тие резултати можеби би било појасно.
Дека можело подготовките да бидат и вакви и такви, тоа секогаш стои. 
Погрешна тактика. Овој дел веќе преоѓа во стручна анализа. Коментари од трибините зошто не влегла „таа“ ракометарка, зошто пак другата играла на таа позиција обично и не регистрирам, но кога доаѓа од луѓе што знаат ракомет е нешто за што се дискустира со аргументи и не треба само да се нафрла колку да е кажано. Сигурно и тие што критикуваат во оваа сфера се во право за некои моменти, но преобемно е да се влезе во оваа тема. 

СПОРЕДУВАЊЕ СО ДРУГИТЕ, НАПРЕДУВАМЕ ЛИ НАЗАДУВАМЕ ЛИ?
Оваа тема е толку банална и не би губеле време, но поради неколкуте анализи и пораки во „инбокс“, ќе и отстапиме место.
Главно се сведува на моментот лани го победивме Исланд во финале на ЕХФ Шампионат, а годинава дома тие не победија во меч за 1/4 финале. Следствено, Исланд напредувал ние назадуваме и тоа е проблем. 
Споредбата е сосема несоодветна, иако ми се допадна како изгледа и игра Исланд на терен. Секоја чест за нивните ракометарки што годината ја искористиле за да напредуваат како играчи. Но, рековме споредбата е несоодветна. 
Лани ние Исланд го совладавме со еден гол разлика, годинава тие победија со три. Не се тоа бројки што велат дека Исланд којзнае колку напреднал или ние којзнае колку сме назадувале. А и каде стои запишано дека ако лани сме ги победиле дека секогаш ќе ги победуваме?
Не знам ни дали се вредни за споменување таквите споредби, но еве. Ако тераме по таа логика, тогаш еве неколку факти што можат да ви бидат интересни.

- Кога лани ние игравме финале на ЕХФ Шампионат со Исланд, Германија играше финале на ЕХФ Еуро. Една година подоцна, Германија играше со нас за деветто место. По наш стандард, нивниот селектор треба да добие отказ уште на пасошка контрола, таму некаде во Меминген, штом слетаат. 
- Хрватска пред 1 година беше петта на ЕХФ Еуро, а сега е само едно место пред нас.
- Романија земја во која се вртат 20 милиони евра по сезона во женски ракомет, пред 1 година беше 7 на ЕХФ Еуро, сега е 14 место, две места зад нас. 
- Црна Гора беше 8 место на ЕХФ Еуро, сега е на 18 место...
Да „заклучиме“ дека женскиот кадетски ракомет, опасно назадувал? Барем кај споменативе екипи? 



СЕ ГЛЕДАМЕ ЗА ДВЕ ГОДИНИ
Да завршиме, но со убави вести. Најголемиот број на фанови, сепак, уживаа во ова СП и свесни се за можностите на македонскиот тим. Остануваат да навиваат за репрезентацијата и за тоа што следи. 
Овој тим самиот си се избори за СП со победата на ЕХФ Шампонатот, но помошта од РФМ дојде со добивањето на организацијата на мундијалот. Следната сезона ќе играат ЕХФ ЕУРО, а по две години одново ќе играат на СП, како јуниорки и тоа одново во Скопје. РФМ ја доби и таа организација. Повеќе помалку истиве екипи ќе ги гледаме во Скопје и по две години. Во меѓувреме, од оваа генерација на играчи 4-6 ракометарки ќе бидат вклучени и на сениорското Европско првенство што во ноември ќе се игра во Македонија. 
Можете да проверите, но прашање не во Македонија, туку воопшто во Европа дали некоја генерација на играчи добила ваква помош од својата федерација, во рок од две години да биде домаќин на две Светски првенства и едно сениорско Европско. 
Крајната цел, низ овие младински ЕХФ Еуро, младински мундијали и сениорското ЕП, кога сета таа помош од домаќинството ќе заврши, значи по 2024, да имаме сениорска репрезентација што ќе биде кадарна во наредните 10-тина години сама да си обезбедува пласман на сениорските СП и ЕП.
Што ќе направи таму, задравје, но вака административно вратени на големата сцена, да се научат и да опстануваат во големото друштво. 
Овој мундијал утре ќе биде готов, ќе се видиме со истиве играчи за две години. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk