Новата топка има иднина

Кадетскиот мундијал во Македонија е првиот на кој се игра со новата топка на Молтен (ИХФ). Тоа е топка за која не треба лепак и е револуционерен производ што се развиваше со години за да стигне до ова ниво. 



Новата топка на ИХФ е предмет на истражување, критики, опсервација. Има жестоки противници, но има и позитивни коментари и тоа од тие што имале можност да играат со неа. 
По една недела натпреварување и изјавите од порелевантните фактори во ракометниот свет, можеме првично да го заклучиме следново:

Молтеновата топка помина подобро од што се очекуваше. Не е идеална, но не се претвори во фијаско, напротив, стигнуваат и позитивни коментари за неа. 
Топката како што во моментов стојат работите, ќе преживее, иако нема да во скоро време да ја видиме во сениорска конкуренција.
Самиот ИХФ призна или нагласи дека процесот на воведувањето на оваа топка ќе биде долгорочен. Преминнувањето од класичната топка до оваа да ја наречеме самолеплива не е едноставен. Топката е помала, чувството е поинакво, а некои шутеви, особено тие „уметничките“ како вртените шутеви го немаат тој финален момент што го дава лепакот. Не велиме дека Тимур Дибиров и со оваа топка нема да изведе некој луциден шут, но за многу други, особено млади играчи треба време, прилагодување и многу вежбање за да изведат приближно нешто такво. 

Затоа целта нема да биде по секоја цена оваа топка да стигне до сениорското СП, сигурно ќе се појават и други фалинки како што е на пример деформација за што веќе покажала знаци по користење подолго од еден месец. Д60 е првиот модел, ќе има и други подобрени верзии, а со нив во следниот период ќе играат само млади категории. 
По неодредено време, за кое сметаме дека ќе биде неколку години, кога ќе биде секојдневие во клубовите и ќе бидат елиминирани што повеќе нејзини недостатоци, извесно ќе ја видиме и на сениорски мундијал. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk