ЕХФ утре ќе ја состави ЛШ

Европската ракометна федерација утре ќе соопшти кои клубови ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона. Осум клуба имаат директно место во ЛШ, деветиот доаѓа (од Германија) како најдобра нација во Европска лига, а седум ќе чекаат вајлд карта.




Барса, Магдебург, ПСЖ, Келце, ГОГ, Сегед, Порто, Динамо Букурешт и Кил. Тоа се недопирливите во Европа и кога ќе им ги додадеме екипите на Веспрем, Нант и новиот Алборг за кои сме 100% сигурни дека ќе добијат вајлд карта како вице-шампиони на своите држави ќе добиеме Лига со козметички измени каква што се заговараше одамна. Ако ја паметите, „онаа“ Лига слична на фудбалската. 
ЕХФ многу умешно го изменаџира тогаш проблемот што беше на хоризонтот. Засега добро се држи до принципот да нема повеќе од две екипи од иста држава. 

На Веспрем, Нант и Алборг, веруваме дека ќе им се приклучат во прв ред ППД Загреб и Елверум. Едните на име на традиција, другите затоа што се од Норвешка, а таму следната сезона на сцена ќе се појави Колстад со Сандер Сагосен на чело на колоната.  

Тоа се веќе 14 учесници на нашиот список. ЕХФ ќе има уште две вајлд карти за доделување. Висла Плоцк? Ако веќе ги следи точките според кои се доделува џокерот, Висла би требало да е прва за добивање од преостанатите екипи. Но, две сезони овој полски клуб е прескокнат, не гледаме зошто не би го прескокнале и трет пат. 
Спортинг? Целје? Мотор? Шпанска „Марка“ пишуваше дека ЕХФ го охрабрувала Гранољерс да аплицира за вајлд карта... 
Од друга некако сме сигурни дека вајлд карта нема да добие Баја Маре, ниту Кадетен Шафхаузен или со нешто поголеми шанси Истад од Шведска. 
Кај нас летово поинаква приказна. Вардар е исфрлен од ЛШ. Утре ќе одржи прес конференција менаџерот на тимот Михајло Михајловски. Ќе ги чуеме маките на двократниот европски првак, но тешко дека може да се промени нешто. 
Екипата веќе почна да се осипува. Слушаме дека тренерот Давид Дејвис веќе е заминат, а Дуарте, Андреев и Цехте дека нема ниту да дојдат. Другите чекаат, се договараат... Најверојатно најголемиот дел од странците што играа и лани следната сезона нема да се дел од тимот. 

Македонија следната сезона тешко дека ќе има директен учесник во ЛШ. Тогаш во ранкингот ќе се избришат и последните бодови од шампионската 2019 година и ќе биде(ме) на работ на тој список, меѓу првите 10. Можеби ќе имаме директно место уште една сезона, ама можеби и да сме под таа граница. Ќе мора да сочекаме ЕХФ да ги пресмета бодовите со нивниот алгоритам.
Ако не сме, ќе треба да се аплицира за вајлд карта и тоа ќе биде нов проблем. Дури и да не е Вардар шампион работите ќе бидат комплицирани. 
Имено, на Е. Пелистер ќе му недостасуваат 500-600 столчиња за да исполни критериум во „Боро Чурлевски“. Единствено во моментов „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ се спремни во секој момент да организираат меч од ЛШ. И во тој поглед нема да оди на подобро, туку на полошо. Следната, 2024/25 за играње во ЛШ салата ќе мора да има четири трибини.
Се чини нова сала во Битола е единственото решение. 

Утре ќе ги дознаеме имињата на екипите што ќе играат во ЛШ. Датум што секоја година со нетрпение го чекавме, сега нема да ја донесе познатата возбуда. 

Како изгледа во моментов листата на кандидати за ЛШ: 

Фиксно место имаат екипите на ГОГ, Барса, ПСЖ, Магдебург, Кил, Сегед, Келце, Порто и Динамо Букурешт. 

Седум екипи од државите што веќе имаат еден претставник во ЛШ, бараат џокер (вајлд карта) за учество во ЛШ. Тоа се Веспрем, Нант, Алборг, Гранољерс, Нант, Висла Плоцк и Баја Маре 
Шест екипи што немаат фиксно место во ЛШ бараат џокер за настап во Лигата на шампионите следната сезона. 
Тоа се следниве екипи: ППД Загреб, Елверум, Целје, Кадетен, Истад и Мотор Запорожје. 

Следната сезона ќе има 16 екипи во Лигата на шампионите. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk