Ќе се смират ли Андоновски и „Рибари“

РК Охрид годинава почнува нова епизодa. Во клубот е направен голем рез кога се во прашање играчите. Доведени се нови, делумно познати играчи, дел што треба да се покажат и докажат, а амбициите на екипата се пласман во Европа.



Но, некои „демони“ од минатото се уште (ќе) го прогонуваат клубот. Еден од нив е односот, релацијата меѓу старо-новиот тренер Горан Андоновски и навивачите на Охрид, „Рибари“. Нивната разделба не беше многу пријателска и одвреме навреме беше подгревана на социјалните мрежи за времето кога Андоновски беше тренер на Тиквеш. Тоа доведе навивачите веднаш да реагираат кога беше повторно назначен за тренер, но не е направено нешто непоправливо. 

Колку време ќе трае процесот на помирување, засега не може да се претпостави, но ако земеме предвид што е во интерес на РК Охрид, на крајот на денот, би требало да има позитивен епилог. 

На минатонеделната прес конференција, Беше подадена рака кон навивачите. 
„Тие се со мене лично, од првиот ден на постоење на клубот, јас нив многу ги почитувам, многу повеќе отколку што мислат. Од првите чекори тие се со РК Охрид, значи кога немавме никакви финансии, кога 3-4 години се играше волонтерски, потоа уште 7-8 години се играше за минимални финансии, се до доаѓањето на ваучерите пред 3-4 години.
Тие беа секогаш со нас, и во добро и во лошо, поминавме многу убави моменти, меѓутоа емоции се емоции, а јас сум многу емотивен. Сум се одрекувал од многу работи за овој клуб и ќе продолжам да се одрекувам. Од денес цврсто стојам и ветувам дека ќе го поправам односот меѓу мене и “Рибари”. Не се решава веднаш, но чекор по чекор да го поправиме нашиот однос, да ја вратиме довербата, бидејќи и нив и мене РК Охрид ни е во срцето, мислам дека сите заедно можеме да направиме многу за клубот и за градот, изјави Андоновски на прес конференцијата. 

„Заедно со управата сакаме да постигнеме единство и се да биде во ред ако е можно. Сепак сум охриѓанец“, изјави за g-sport.mk старо-новиот тренер на Охрид. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk