Бенфика ја освои Европската лига!

БЕНФИКА - МАГДЕБУРГ 40-39 (32-32)



Домаќинот на Фајнал фор турнирот, Бенфика го совлада Магдебург (40-39) по продолженија и стана првата португалска екипа што го освоила овој Куп, трета екипа од Португалија што освоила европски пехар (Спортинг Х2 и Брага имаат по еден пехар во Челинџ Куп).
Неверојатен меч одиграа во финалето Бенфика и Магдебург. Израмнето со самиот финиш во кој на три секунди до крајот Магдебург постигна гол за 32-31. 
Бенфика (под сериозен сомнеж дека беше престап) за само три секунди успеа да организира напад што пикерот Борхес го претвори во гол за 32-32 и продолженија.

Во дополнителните минути видовме интересна битка во која Бенфика играше и со тројца пивоти во 7 на 6 офанзивата. Се играше гол за гол, за на крајот мечот да го пресече неверојатната глупост на крилото на Магдебург, Матијас Муше. 
Левото крило на Германците на минута и две-три секунди до крајот, при нерешено (38-38) доби топка на својата позиција, се одрази за шут од (за нас) навидум добра позиција, но место да шутира фрли цепелин за Тим Хорнке, другото крило на Магдебург. Намерата беше спречена, Бенфика освои топка и успеа да поведе. 
Последниот напад на Магдебург одново заврши со фијаско, лошо додавање зад грб, по што Бенфика погоди за 40-38 и го реши победникот. 


Ако не знаевте: Бенфика во Европската лига почна со две кола квалификации. Во првото го елиминираше Криенс Луцерн, а во второто направи сензација со елиминацијата на Рајн Некар Ловен. 


Ако не знаевте: До вечерва, Пик Сегед беше единствената екипа што ја освоила Европската лига откако е воведен Фајнал фор (2012/13), а да не е од Германија. 
 

Поврзани вести