Приказната со додавање на ѕвездичка на клупското лого датира од 50-тите години на минатиот век, а првата федерација што го регулираше додавањето на ѕвездичката како знак на остварување на спортски план во смисол на освојување на национално, континентално или интерконтинентално натпреварување е ФИФА. Во ракометот е исто така пракса да е додаде ѕвездичка на клупското лого.
Некои одбележуваат Лига на шампиони, други бројат домашни пехари. Некои клубови го користат тоа право, други не. Најуспешниот тим во машка конкуренција, Барса на пример, нема додадено ѕвездичка на своето лого иако има 10 пехари од ЛШ, 5 од Супер глоуб, дури 29 од Асобал.. Ѓер и Флензбург не ги бројат титулите во ЛШ туку во домашното првенство. Кил и Магдебург ги бројат само тие од ЛШ. Келце и Целје ги бројат и едните и другите...
Вардар во 2017 додаде една ѕвездичка на клупското лого како знак за вонсериско остварување, освојување на Лигата на шампионите, а во 2019 додаде уште една таква ѕвездичка.
Малку познат факт е дека во ракометот, тоа не е универзално правило.
Легитимно право на клупското лого да се додаде ѕвездичка користат на еден или друг начин повеќе клубови. Вардар има две ѕвездички, Монпеље исто така две, Кил има четири, Магдебург три, Металопластика две, Бидасоа една и тие се единствените клубови во машка конкуренција кои логото го имаат украсено со ѕвездичка поради ЛШ.
Ако го погледнете пак клупското лого на Флензбург тоа нема ѕвезда. Но, на логото што е на дресот, ќе видите дека и тие имаат една ѕвездичка, но таа не ја претставува титулата во ЛШ од 2014. Ѕвездичката на дресот на Флезбург ги симболизира трите шампионски пехари во Бундес лигата.
Гумерзбах исто како и Флензбург, нема на самото лого ѕвезда, но на дресот покрај логото се извезени три ѕвездички, a тие ги претставуваат 10-те шампионски титули во Бундес лигата. Гепинген има две ѕвзди што ги симболизираат петте шампионски пехари во Бундес лигата.
Мешков Брест има две ѕвезди што ги симболизираат 10-те шампионски титули во домашното првенство.
И петкратниот европски шампион во женска конкуренција, Ѓер има една ѕвезда на логото, а таа не ги претставува титулите во ЛШ, туку десетте шампионски титули во првенството на Унгарија. Истото важи и за екипата на ФТЦ Ференцварош.
РК Целје од Словенија на своето лого има три златни ѕвезди. Едната е од ЛШ од 2004, а другите две се за 10 титули (2х5) од домашното првенство.
Во Данска е слично. Колдинг и Алборг имаат ѕвездичка што претставува 5 шампионски титули.
Во Тунис се добива ѕвездичка за 10 шампионски титули.
Најдалеку има отидено женскиот клуб Салерно од Италија. Тие за секоја шампионска титула во Италија додаваа по една ѕвезда. Имаат седум.
Најмногу ѕвезди на логото има Хипо, дури осум. Сите од победите во Лигата на шампионите.
Сумирано, ако гледаме кон македонските екипи, легитимно право има Вардар да додаде најмалку уште две ѕвезди за да ги одбележат 10-те шампионски пехари во Македонија. Имаат вкупно 14, а во недела играат за 15 шампионски пехар.
Истото право може да го искористи и ЖРК Вардар која има 6 шампионски пехари во Македонија.
Металург и Е. Пелистер имаат по 6 шампионски пехари во своите витрини, па и тие би можеле да го украсат своето лого.