Утре во Скопје гостува репрезентација што има освоено 30 медали од Светско првенство, Европско првенство и Олимписки игри. Ќе можете да ја гледате бесплатно, на дуел со женската репрезентација на Македонија.
Женската репрезентација на Норвешка е феномен во спортот, модел што е невозможно да се следи. Стратегија што функционира со децении, систем во кој се е на свое место и функционално од најмалите аматерски дружби на девојчињата што од далечниот север до престолнината Осло и уште на југ, до првиот тим што со леснотија доаѓа до подиумот на сите големи натпреварувања.
Норвешка има освоено неверојатни 30 медали и е најуспешниот ракометен тим во историјата, со дури девет медали повеќе од првиот зад нив, машкиот тим на Франција.
Уште еден куриозитет за Норвешка и како тоа функционира системот кај нив. Од 1974 година до сега имале само шест селектори! А од 1994, во последните 28 години само двајца. Марит Бревик и човекот што утре ќе ги води од клупата, Торир Хергеирсон.
Овој 57 годишен Исланѓанин, не го носи најсилниот состав во Скопје. Од една страна жал ни е што нема да ги видиме Стине Офтедал, Нора Морк, Ела Рајстад, Вероника Кристијансен, Камила Херем... од друга страна, воопшто не ни е жал што нема да ги видиме Стине Офтедал, Нора Морк, Ела Рајстад, Вероника Кристијансен, Камила Херем, односно девојките што пред еден месец како од шега со 17 гола разлика ја разбија Црна Гора.
Хергеирсон во Скопје носи екипа со сосема нови, но не и непроверени имиња. Три ракометарки на ЧСМ Букурешт, по една од Шамбри, Брест Бретањ, Есбјерг и Одензе и другиот дел со домашни таленти чии имиња препорачуваме запаметите или да ги запишете некаде, затоа што во не толку далечна иднина сигурно ќе слушнете повторно за нив. Или ќе ги препознаете на подиумот, веројатно уште есенва.
Македонија и Норвешка ќе играат во рамките на ЕХФ Еуро Куп. Формално натпреварување без некое особено формално значење. Турнир создаден за да ги држи запослени екипите што имаат директен пласман на ЕП во деновите во кои другите играат квалификации. Шанса да се види на дело системот што гарантирано носи медали.
И сето тоа беспластно. Влезот во „Борис Трајковски“ е слободен, натпреварот почнува во 19:30 часот.
Составот на Норвешка за утрешниот натпревар со Македонија:
Голмани:
28 Rikke Granlund, Chambray Touraine HB
32 Marie Davidsen, CSM Bucharest
40 Eli Raasok, Storhamar Elite
Бекови:
03 Emilie Hegh Arntzen, CSM Bucuresti
05 Helene Gigstad Fauske, Brest Bretagne Handball
06 Kristina Sirum Novak, Sola HK
25 Kristine Breistøl, Team Esbjerg
29 Karine Emilie Dahlum, Våg Håndball Elite
33 Thale Rushfeldt Deila, Molde HK
35 Anniken Obaidli, Storhamar Elite
Крила
11 Malin Aune, CSM Bucharest
27 Emilie Hovden, Storhamar Elite
31 Sunniva Amalie Næs Andersen, Våg Handball Elite
36 Rikke Larsen Øyerhamn, Tertnes Elite
Пикери:
08 Ane Cecilie Høgseth, Storhamar Elite
30 Maren Aardahl, Odense HC
21 Kaja Horst Haugseng, Sola HK