Македонската репрезентација од денеска го почнува комплетирањето, со прв собир и тренинг, а во веќе во среда ќе гостува во Злин на дуел со Чешка.
Македонските ракометари вечерва ќе го имаат првиот тренинг пред дуелот со Чешка закажан за во среда во Злин и реваншот во Скопје, четири дена подоцна.
Екипата во прв момент не е комплетна, недостасуваат интернационалците од Германија и Никола Митревски. Во понеделник би требало да сме комплетни и ќе има доволно време да се фати репрезентативниот ритам.
„Дојдовме во моментот што го посакувавме, вториот бараж. Пред нас е една многу добра репрезентација која имаше одлично ЕП и им недостасуваше само малку среќа за голем резултат. Имаа шанса да ги елиминираат финалистите, Шведска и Шпанија, со БиХ беа доминантни. Без разлика на тоа се решија да го променат селекторот што покажува дека сакаат да одат напред. За жал не успеавме да најдеме видео материјал од единствените натпревари што ги играа под водство на Сабате. Имаат промени во тимот, веќе не играат неколку повозрасни играчи, но имаат многу квалитетни замени.
Така да не чека тежок предизвик, мислам дека треба добро да ги искористиме овие 3-4 дена, добро да се подготвиме. Нема потреба да ја споредам Чешка со Романија, можам да кажам дека 15-20% е повоиграна репрезентација, иако не треба да се занемари квалитетот на Романија.
Нема да не уплаши тоа, напротив, ќе се подготвиме добро, имаме јасна идеја. Можеби и ја препуштаме фаворитска улога на Чешка, но ние сакаме пласман на СП и сме спремни да го дадеме нашиот максимум да се пласираме на тоа СП. Мислам дека многу ќе ни значи уште еден настап на големо натппреварување, оваа нова Македонија да има настап. Ние ќе сториме се, ќе се подготвиме.
Спремни сме, доста ја анализиравме иако малку ќе ни биде чудно затоа што немаме никаков материја со новиот селектор. Материјалот од Србија – Чешка пријателските не успеавме да го добиеме, но ќе најдеме начин како да се подготвиме. Сепак како што во повеќе наврати сум кажувал, така и сега ќе кажам, ние треба да се сконцентрираме на нас самите.
Она што е добро да го задржиме , она што ни фалеше во минатиот период да го подобриме. Мислам дека сме во нагорна линија, мислам дека сме на добар пат да ги искористиме овие 3-4 дена.
Се надевам дека ќе останеме тие што сме здрави. Тоа е најважно, веќе ни недостигаат тројца играчи, ако има воопшто прва седморка. Тоа се Мартин Велковски, Дејан Манасков и Цветан Кузманоски. Имаме проблем со Павле Атанасијевиќ, ќе видиме како ќе се одвива работата со него, го повикав, да се рехаблитираме, дава позотивни знаци. Целта е да ги одбереме спремните и најдобрите 16 за во среда.