Последен меч на Дибиров за Вардар во ЛШ?

Вардар вечерва го игра веројатно последниот европски натпревар сезонава, Тимур Дибиров (38) последниот во Лигата на шампионите во црвено-црниот дрес, а помалку-повеќе истото важи и за уште неколку ракометари што веќе најавија дека во јуни ќе одат во некоја друга екипа.



Без разлика на резултатот од првиот меч, а тој заврши со победа од 30-22 за Веспрем, оваа средба ако се играше во Скопје ќе беше многу посебна. Освоените места во групата диктираа поинаков редослед на одигрување, но како и да е, група навивачи од Скопје замина за Веспрем и ќе ги одбележи, ќе направи и свој декор со моментите што ги споменавме во воведот. Сепак, многу повеќе емоции ќе имапе и многу поинаку ќе беше ако на пример Тимур Дибиров со ЛШ се збогуваше во Скопје. 

Не му ја одземаме шансата на Вардар, но во реалност таа е само на хартија, а ние не паметиме на овој ранг и оваа фаза на натпреварување да се случил толкав пресврт на гостински терен. Терминот спортско чудо, сепак, постои, а и постои со причина. 

За Вардар помалку повеќе важи истото што важи и за Е. Пелистер. Сезонава во Европа, летвичката беше една висина поголема во односот желби и остварување. Не е неуспешна, помината е групната фаза, имаше убави победи во Скопје. Не е ниту нешто успешна затоа што сепак треба време да се привикнеме на новата реалност и сила на Вардар, а последниот пораз од Веспрем е се уште многу свеж за да додадеме и понекој комплимент. 
Вардар има вечерва шанса со добра партија да си го поправи имиџот, но главното за црвено-црните не е вечерва и не е во Веспрем. 

Веруваме, сите лоши моменти ќе бидат избришани истиот момент од сеќавањата доколку биде одбранета шампионската титула. Доскоро незамсливо, но и ова е дел од новата реалност, а тоа е неизвесна битка за титула и во домашното првенство. 

Вардар во Веспрем сигурно ќе има и директен контакт со Дејан Манасков. Репрезентативното крило како лажна вест ја етикетираше информацијата дека потпишал за Вардар. Потпис нема, но од Вардар има заинтересираност, стигнуваат информации подолго време дека е така. Тоа во ракометните кругови не е новост, но можеби одлуката, објавата на Дибиров дека заминува (ќе) даде нов импулс. 

Натпреварот се игра со почеток од 18:45 часот. Билетите за натпреварот се распродадени уште од пред шест дена и Веспрем арена која собира околу 6.000 гледачи ќе биде полна. ЕХФ се уште ги нема објавено составите со кои денеска ќе истрчаат на терен двата тима, но не очекуваме некои промени што би можеле натпреварот да го одведат во еден или друг правец. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk