Неделава стартуваат првите елиминациски битки еден на еден во оваа фаза на ЛШ се викаат „Плеј оф“. Од 16, осум екипи ќе минат во следната фаза, каде што одново ќе има 16 екипи што тогаш ќе ги наречеме 1/4 финале.
Согласно пласманите во групната фаза, Вардар за противник во Плеј оф го доби тимот на Веспрем. Развој на настаните што не можеме да го оцениме како поволен, затоа што се работи за една од најсилните екипи во Европа, клуб што е близу врвот кога се буџетите во прашање и ростер полн со интернационални и понекоја домашна ѕвезда.
Веспрем долго време не може да склопи игра што ќе соодвествува со имињата што играат во клубот. Тоа доведе до тренерска смена, но на терен не се смени нешто многу суштинско. Одново се „падни-стани“, а тоа доведе и во последното коло да одиграат нерешено со Балатонфуред. На тој меч, верувале или не, српскиот голман Владимир Цупара во првиот дел имаше 0 (со букви - нула) одбрани, а Родриго Коралес, вклучително со последниот одбранет шут - три.
Слабата партија и загубениот бод што нема ништо да ги чини не ја гледаме како позитивно, туку како негативно за Вардар. Сега тие ќе бидат многу посериозни, затоа што два врзани кикса ќе значат дека некој ќе плати дебела сметка.
Слично е и во Вардар по домашниот пораз од Е. Пелистер, иако ова се две сосема различни приказни.
„Имавме добри 45 минути со Монпеље, па потоа беше така-така, со Елверум едно добро полувреме, другото - не. Сега мораме сите да бидеме фокусирани цели 60 минути. Немаме друг натпревар. Тоа мора да биде сега, имаме една шанса и таа мораме да ја искористиме.
Веспрем има добар тим. Има одлични голмани. Има добар колектив, има добри индивидуалци. Тие се фаворити, но ако секој од нас го одигра тоа што треба, ако биде сконцентриран цел натпревар, ако сите во ротацијата одиграат најдобро што можат, тогаш можеби ќе можеме да го победиме Веспрем дома“, изјави Давид Дејвис на денешната прес конференција.
„Ние се подготвуваме за овој меч неколку дена. Играме со добро познат противник. Ја повикувам публиката во што поголем број да дојде на натпреварот, нивната поддршка многу ни значи. Знаеме колку е важен овој меч, ќе дадеме се од себе за да дојдеме до добар резултат.
Не знам каква преднот би била доволна за 1/4 финале. Некогаш пет гола се малку, некогаш еден е доволен“; изјави крилото на македонскиот тим, Гоце Георгиевски.