Три познати имиња во иста вечер беа поразени и барем две од нив го ставија на коцка првото место што сезонава се чинеше како нивна сопственост.
Вардар, Загреб, Магдебург, три екипи за кои се очекуваше лесен пат до шампионската титула, синоќа имаа непријатно приземјување, две од нив на домашен терен.
Вардар дома е поразен од Еурофарм Пелистер (23-24) и сега битолчани имаат меч топка за титула на домашен терен. Доволно ќе им биде реми на последното соочување со големиот ривал. Ништо не е решено, но целата предност на Вардар се стопи и сега единствен начин да ја одбранат титулата ќе биде победа во Битола или евентуален „кикс“ на Е. Пелистер некаде низ првенството, што не е многу реално за очекување.
ППД Загреб е поразен од Нексе (29-30) и за нов шампионски пехар ќе мора да победи на домашен терен на 7 мај во Загреб кога одново ќе се сретнат. Во подобра позиција е ППД од Вардар, но Нексе е сериозен противник, ја прекина победничката серија на Загреб што трае повеќе од една деценија и којзнае, доколку Зоран Гобац ги потцени, можеби за прв пат Хрватска ќе има шампион што не се вика Загреб.
Магдебург беше прв пат сезонава комплетно надигран (25-30) и тоа пред своите гледачи. Кил, а кој би друг, им одржа лекција на „гладијаторите“ и им го нанесе само вториот пораз сезонава во Бундес лигата. До крајот на германското првенство има уште 10 кола. Магдебург има четири бода повеќе и натпревар помалку од второпласираниот Кил.