Алкалоид фуриозно на дербито со Голден Арт

Долго време се очекуваше возвратниот меч меѓу екипите на Алкалоид и Голден Арт. По спектаклурано извојуваното реми на првиот меч Голден Арт важеше за благ фаворит на римечот. Но, не беше така на терен.  - 

ГОЛДЕН АРТ - АЛКАЛОИД   29-35 (13-21)
Гајиќ 9, Илиев 8 - Серафимов 7, Стојковиќ 6, Кофилоски 6



Салата „Јане Сандански“ беше полна како за европски, а не прволигашки натпревар. Ривалството на Голден Арт и Алкалоид иако не трае повеќе од шест месеци, веќе е зрело за категорија во која членови се екипи со многу подолга традиција. 
Двете екипи што внимаваат на своето реноме и следат помодерни трендови покажаа дека нема да го ослабат квалитетот на Супер лигата следната сезона, напротив, продолжат ли по својот пат ќе донесат плус за македонскиот клупски ракомет, особено затоа што се екипи во кои играат домашни и во голем број млади ракометари. 

Голден Арт со оглед на тоа дека остана непразен како гостин, а во меѓувреме се засили со нешто поискусни играчи важеше за благ фаворит. Алкалоид не купуваше засилувања, нивната предност требаше да биде периодот меѓу двата дерби меча во кој требаше да напредуваат како тим. Условите ги имаа, финалниот продукт требаше да се види на дело. 



Темпото кое го наметна Алкалоид, транзицијата, ритамот во првите петнаесетина минути беше клучен за развојот на настаните. Галевски беше одличен на голот, новопечениот репрезентативец Стојковиќ во два правци вршеше голема работа, одбраната овозможуваше да ја развијат својата игра и најмногу поради неколкуте удари во конструкцијата на голот и неколкуте одбрани на голманот Даскаловски резултатот во првите петнаесетина миннути беше израмнет. 
Како одминуваше времето, така домашните паѓаа во ритамот, им ослабе за еден период концентрацијата и тоа гостите го искористија за силен финиш на првиот дел во кој стигнаа до недостижни осум гола разлика (21-13). 

Во вториот дел се играше брзо, но нападот беше во преден план пред одбраната на двата тима. Глигор Гајиќ од Голден Арт покажа дека е играч кој треба да се има во план за поголеми работи во клубот, но домашниот тим вечерва немаше своја вечер. Разликата отиде и преку 10 гола, а во самиот финиш домашните успеаја да ја преполоват негативата и да запишат помал пораз. 



Подвлечено, видовме убав ракомет што со квалитет е над прволигашкото ниво, а и организациски целото дерби ги оправда очекувањата. Двата тима особено Алкалоид сега се многу блиску до Супер лигата, а нивниот следен противник е Еурофарм Пелистер во рамки на Куп на Македонија. 
Голден Арт сигурно не го има кажано последниот збор во прволигашката конкуренција и нивните дуели со Вардар Неготино и Младост Богданци ќе покажат до каде им се можностите. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk