Што ќе значат санкциите што ЕХФ ги донесе?

Пишува: Ричи Ѓамовски, главен уредник на g-sport.mk

Полскиот ракометар Павел Пачковски откако го напушти Мешков Брест и пристигна во Полска, објави дека од морални причини не сака веќе да се враќа назад и ќе бара раскин на договорот. Доволно за да не принуди на размислување? Што ќе значат санкциите што ги донесе ЕХФ?



Европската ракометна федерација (ЕХФ) следејќи ги препораките на Меѓународниот Олимписки Комитет кој јавно ги поттикна спортските федерации да воведат санкции кон руските и белоруските спортски федерации донесе важна и голема одлука. 
Европската ракометна федерација ги суспендираше руските и белоруските клубови, репрезентации и службени лица.
Но, требаше ли пред да ги објави санкциите да го подготви теренот за тоа што следува? Да изготви платформа со која ќе бидат покриени, заштитени или ќе им бидат објаснети новите правила на игра на сите учесници. Затоа што санкциите нема да се одразат само врз тие за кои се наменети, туку ќе влијаат врз целиот ракометен свет. А новиот сет  „правила на игра“ никој не го знае. 

Звучи неверојатно, но ЕХФ се уште нема објавено ниту што ќе биде со натпреварите на супендираниот Мешков Брест во Лигата на шампините, ниту на Чеховски меведи во Европската лига?
Ќе биде ли служено 10-0, ќе се избришат сите нивни резултати, ќе биде нешто трето? 
Тоа е крајно несериозно, исклучително важно, а во случајов го тангира и македонскиот Вардар. Ако го добие службено тој натпревар, тогаш е официјално во 1/8 финале на ЛШ. Но, ако се избришат сите досегашни резултати, можеби и целиот пласман да е во опасност.
Сметаме дека објаснување за тоа што ќе се случи мораше да биде објавено паралелно со суспензијата. 

Од друга страна го имаме на пример Мотор Запорожје. Украинскиот клуб извесно нема да може да продолжи да се натпреварува. Интернационалците ја напуштија Украина, домашните не смеат да ја напуштат. Како ќе бидат регистрирани нивните резултати? Каков ќе биде статусот на нивните играчи?

Кај дамите е малку појасно. ЧСМ Букурешт Веќе слави службена победа над ЦСКА и се спрема за дуел со Есбјерг, а победникот од дуелот Мец и Борусија Дортмунд од 1/8 финале директно ќе оди на Фајнал фор, затоа што нема да игра со Ростов Дон во 1/4 финалето. Така би требало да биде, дали ќе биде - не знаеме, затоа што нема изготвен план за тоа што ќе се случува. 

Кај репрезентациите, Русија извесно нема да ја видиме на ЕП 2022 и на нејзиното место ќе биде или Швајцарија или Литванија. Но, што е со Украина која имаше убава шанса да се пласира. Истото се однесува и на нивниот машки тим, во првиот бараж треба да играат со Финска. Можеби вајлд карта од ИХФ? 

Ситуацијата со бодовите и уште е лесно решлива, другово - не е. 
Денеска Павел Пачковски, полски ракометар што играше за белорускиот Мешков Брест и со кого има валиден договор до јуни 2023 година, објави дека нема намера да се враќа назад и ќе бара раскин на договорот.  Доволно за да ја отвори пандорината кутија. 

Руските и белоруските ракометари што играат надвор од своите земји не се суспендирани. Косоротов на пример слободно игра за Висла, Каралек се враќа во тимот на Келце... Не го ставаме во овој кош Дибиров, тој има македонски пасош. 
Но, што ќе биде со Пачковски, ќе добие ли раскин? Ако добие, ќе има ли право сезонава да потпише за друг клуб? Или Јака Малус на пример. Тој заминува од Мешков, а неговиот договор истекува во јуни и веќе нема обврски кон Белорусите. Смее ли тој да потпише за друг клуб или ќе мора да чека да му истче договорот со Мешков за кој веројатно нема да биде платен, па да бара нов клуб?

Ако тоа стане принцип, што тогаш го спречува Сташ Скубе да замине од Мешков и веднаш да му се приклучи на Келце со кого има договор или на кој било друг клуб до јуни? Или Микута Вајлупов иако е Белорусин, да отиде веднаш во Веспрем со кого има договор од следната сезона? Или кој било играч од Мешков и Чеховски медведи, вклучително со играчите што веќе заминаа, а такви ги има многу. 

Каков е пак статусот на ракометарите од Украина? Може ли Вардар или Еурофарм Пелистер веднаш да го ангажираат на пример Ајденас Малашинскас? Врвниот литвански бек едвај спаси глава заедно со Молина, Бохан и Шебетиќ во бегството од Украина. Назад за него сигурно нема, напред, каде? Кога некој клуб гасне или истапува од сите натпреварувања, во принцип играчите стануваат слободни и за нив преоден рок не важи. Дали е ова случај?

ЕХФ следејќи ги препораките ги суспендираше руските и белоруските клубови, репрезентации и службени лица.
Но, требаше ли пред да ги објави санкциите да го подготви платформа, регулативи и правилници, да го подготви теренот за тоа што следува? Санкциите нема да се одразат само на тие за кои се наменети. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk