Најголемиот дел од европските ракометни вести деновиве како и најголемиот дел од медиумското интересирање е поврзано со Русија и Украина.
Санкциите што ги воведе ЕХФ, силно се одразуваат врз ракометот како спорт, а почна со прекинот на соработката со Норд Стрим 2, потоа и суспензијата на руските и белоруските клубови, репрезентации и службени лица и бран на заминувања на ракометари од руско-белоруските клубови.
Контролните дуели меѓу машките репрезентации на Русија и Србија што требаше да се играат во март се откажани на барање на Србија. Суспензијата што ЕХФ им ја наметна на Русите направи да биде попаметно овие дуели да не се играат отколку да се играат.
Српскиот тренер што поголемиот дел од животот го мина во Бундес лигата, Велимир Петковиќ, нема да се откаже од селекторската позиција на машкиот сениорски тим на Русија. Напротив, тој почна преговори за продолжување на договорот.
Странските ракометари на Мотор, Ајденас Малашинскас, Вјачеслав Бохан и Карлос Молина пристигнаа во Полска по неколкудневно патешествие низ Украина. Тие заедно со хрватскиот бек Лука Шебетиќ беа во колоната што се евакуираше од Запорожје.