Европската ракометна федерација, на списокот на натпревари што нема да се одиграат според предвиденото ги додаде и натпреварите на белоруските екипи. Вардар нема да патува во Брест.
За жал не беше тешко да се предвиди дека Вардар нема да оди на следното гостување, а тоа според програмата требаше да биде на 2 март во Брест, Белорусија.
Европската федерација објави дека овој меч, исто како и средбата меѓу женските репрезентации на Белорусија и на Грција што требаше да се играа на 2 март во Грција и на 6 март во Белорусија нема да се одиграат во предвидениот термин.
ЕХФ не прецизираше дали се работи за одложени или откажани, што за нас е најава дека воопшто нема да се одиграат. Реално, тешко е во моментов да се замисли која било руска или белоруска екипа да ја видиме на терен на европски натпревар.
А календарот е збиен, и нема место за одложување и чекање нешто да се смени особено во ЛШ. Веројатно кога ќе дојде крајот на календарскиот дел од ЛШ, ќе следи објава за службен резултат.
Освен ако не запре конфрлилктот во Украина, а таму работите одат на полошо.
Нешто претходно, ЕХФ ги ослободи од обврската клубовите од ЛШ да го рекламираат „Норд Стрим 2“, кој беше партнер на машката Лига на шампиони на ЕХФ.
Засега нема најава, но веројатно ќе се случи, е промена на спонзорот и во женската Лига на шампиони. Женската ЛШ се вика Дело Лига на Шампиони, а „Дело“ е руска компанија.
Ова натпреварување е на пауза поради квалификациите, па ЕХФ нема да носи веднаш одлуки, но не веруваме дека ќе ги видиме Ростов и ЦСКА во ЛШ, ниту пак Чеховски медведи во Лига Европа во машка конкуренција. Чеховски медведи кои имаат само два освоени бода се и теоретски елиминирани од ЛЕ, нивната средба во Франција со Нант е одложена/откажана, а можеме да се обложиме и дека финскиот Кокс нема да патува во Москва на 8 март.