Иако има дури четири (пет) места што од Прва ќе водат во Супер лига следната сезона, во Плеј оф што ќе почне по две кола ќе биде прилично жестоко.
Вардар Неготино, клубот што има амбиции да влезе во Супер лига следната сезона, вечерва го запиша својот втор пораз. На гостувањето во Драчево, неготинскиот клуб беше поразен 25-27 и сега во групата А во Прва лига се направи мешаница на врвот.
Резултатски интересен меч се играше денеска во „Круме Кепески“. Двата тима имаа свои моменти, а решавачкиот период беше во финишот, кога од 23-23 домашните со серија од 3-0 стигнаа до 26-23 и тоа беше пресудно за конечната разврска.
Сега три екипи, Вардар Неготино, Младост Богданци и Драчево имаат по 36 бода. Следат Работнички и Јехона и тоа е веројатно петорката што ќе оди во Плеј оф. Драчево, патем има и меч повеќе и пораз повеќе од директните ривали. Вардар и Младост имаат по два пораза, драчевчани имаат три.
Екипите што ќе играат Плеј оф ќе ги пренесат бодовите од меѓусебните дуели од овој дел на сезоната.
Во Групата „Б“ од каде што исто така ќе дојдат пет екипи ситуацијата е мошне слична. Јуниор Кисела Вода има три порази колку што има Драчево на пример, Голден Арт има еден пораз и еден нерешен резултат, а Алкалоид има само еден нерешен. Но, следат натпреварите на Алкалоид со Голден Арт на гости и Јуниор Кисела Вода на домашен терен.
Тука е и Куманово како екипа што може да направи изненадување на кој било терен.
Кога ќе се спојат овие две групи, ќе се формира шесторка со подеднакви шанси за пласман во Супер лигата.
Четири екипи од Прва лига следната сезона ќе играат во Супер лигата, по две во секоја група. Но, можеби оваа бројка ќе се зголеми на пет доколку Металург биде исфрлен од натпреварувањето, а со секој минат ден шансите тоа да се случи стануваат се поголеми.