Еурофарм Пелистер го совлада Кадетен, а АЕК го совлада Ним и сега разликата меѓу Пелистер и Французите е само еден бод.
Со само бод заостанување зад лидерот Ним и натпревари со Татабања на гости и АЕК на домашен терен, Е. Пелистер има реални шанси групната фаза од Европската лига да ја заврши на првото место.
Потребни се две победи во последните две кола и уште еден „кикс“ на Ним, кој во последните две кола игра дома со Кадетен и на гости со Спортинг.
И двата тима се кадарни да го совладаат Ним кој е во надолна линија во пролетниот дел од ЛЕ.
Многу голема разлика може да направи пласманот на првото место. Така за противник на битолчани би дошла екипата на Ла Риоха, тим против кој шансите за пласман во 1/4 финалето воопшто не би биле занемарливи.
Пласман на второто место според најреалните шанси би донел меч со Нексе, а на третото со Савехов. Најлошата варијанта е четврто место и меч со во Магдебург, во моментов можеби најсилниот тим во Европа.
Татабања и АЕК се двата најважни натпревари за Е. Пелистер во моментов, добрата форма и целата добра европска приказна сезонава треба да добијат „круна“. Ако во прв момент се гледаше само пласман, потоа како да се избегне Магдебург, сега екипата сама ја крена летвичката и се мерка 1/4 финале.