Kaко ќе изгледа Супер лига следната сезона?

Управниот одбор на РФМ, на вчерашниот онлајн состанок ја прифати иницијативата на клубовите за промена на системот на натпреварување што подразбира проширување на машката Супер лига.



Системот на натпреварување ќе се менува за следната сезона, иницијативата ја потпишаа сите клубови освен еден, а Управниот одбор на вчерашниот онлајн состанок ја верификуваше и промената ќе стапи на сила за следната сезона. Одлуката ќе биде соопштена односно во вид на известување ќе биде доставена на Собранието кое формално ќе треба да ја верификува.

КАКО ЌЕ ИЗГЛЕД СУПЕР ЛИГА 2022/2023

Во Супер лигата ќе има вкупно 16 екипи што ќе бидат поделени во две групи, „А“ и „Б“, во секоја ќе има по осум екипи. Групите ќе се пополнуваат со ждрепка. Прво и второ пласираниот од тековниот шампионат ќе бидат во Шешир 1, второ и трето пласираниот во Шешир 2 итн. 

Пример според моменталниот пласман: 
Шешир 1: Вардар и Е. Пелистер
Шешир 2: Бутел Скопје и Е. Пелистер 2
Шешир 3: Тиквеш и Охрид...

Обезбеден пласман во Супер лига за следната сезона ќе имаат екипите што ќе завршат на позициите од 1-10 во Супер лигата. 
Четирите најдобропласирани во Прва лига. 
Квалификации за влез односно опстанок во следната сезона ќе играат 11 пласираниот од тековното првенство во Супер лига против 6.пласираниот од Прва лига и 12 пласираниот од Супер лига против 5. пласираниот тим во Прва лига. 

Во есенскиот дел ќе се играат 2х7 кола во секоја група по што првите четири екипи ќе се пласираат во Плеј оф, а вторите четири во Плеј аут. 
Според пласманот во есенскиот дел, ќе се пренесуваат и бодови. 
Прво место во група - 3 бода
Второ место во група - 2 бода
Трето место во група - 1 бод
Четврто место во група - 0 бодови. 

Истото важи и за Плеј аут:
Петто место во група - 3 бода
Шесто место во група - 2 бода
Седмо место во група - 1 бод
Осмо место во група - 0 бодови. 

Ќе се играат одново 2х7 кола, по што ќе биде добиен шампион и претставници за Европа од Плеј оф групата. 
Екипите што ќе се пласираат на седмо и осмо место во Плеј аут испаѓаат од Супер лига.
Екипата што ќе се пласира на шестото место во Плеј аут ќе игра бараж со третопласираниот тим од Прва лига. 

Првата лига, пак, доколку има до 14 екипи ќе се игра по еднокружен систем  2х13 кола. Доколку има пријавено повеќе од 14 екипи, дополнително ќе биде моделиран системот и би требало да се играа во две групи. 

КОМЕНТАР:
На овој систем, како и на кој било друг, можеме да му најдеме и добри и лоши страни. Дали ќе биде одржлив на подолг рок, зависи од клубовите, особено тие што ќе бидат во Плеј аут зоната. Доколку останат сериозни (за македонски рамки) тогаш ќе има иднина, во спротивно ...

Ако не гледаме низ призма на ваучер и наводно разводнување на квалитет што и така го немаме, можеме да одвоиме и неколку добри страни. 

Гледајќи ја поголемата слика, генерално придобивка би требало да биде то ашто повеќе млади ракометари ќе добијат шанса да играат и развиваат во Супер лига. Во услови кога водечките клубови се преполни со странци, а и другите од средината на табелата ја следат нивната определба, (очекуваме и со правилото шест странци главниот збор да го водат тие, а не домашните играчи), ова ќе биде подобра можност за афирмација за потенцијалот што го имаме. 
Сите 16 клубови од кои добар дел претставуваат центри, ќе добијат шанса да работат на повисокото ниво и место да калкулираат со повеќе странци или купи-продај играчи стратегија за да бркаат резултат, ќе можат да се посветат и на своето.
Зошто го велиме ова?
Во есенскиот дел ќе имаме две балансирани, но послаби групи што би требало да оди во полза на екипите што ќе играат во Европа и СЕХА (под услов да се игра вон ковид протоколи) околу термините. Тогаш се мноштвото натпревари во ЛШ и ЕЛ и Супер лигата нема да им стои толку на патот. Силните тимови би можеле да штедат сили за Европа, а воедно да им даваат и на домашните играчи поголема шанса во Супер лигата. 
Екипите што не играат во Европа, ќе можат да ги увежбаат, да им дадат поголема шанса на повеќе играчи и да ги состават своите тимови за пролетниот дел во кој почнуваат вистинските битки. 

На пролет, добиваме Супер лига со осум екипи. Систем што ќе го извади најквалитетното на сцената во битката за Европа и шампионскиот пехар. 
Битката за опстанок, сигурно нема да биде неинтересна, напротив.

Нема да изостанат интересни натпревари тоа е сигурно. Ќе имаме можност да видиме нови дерби средби и нови играчи што ќе играат на повисоко ниво, што секако ќе биде интересно и за селекторот на репрезентацијата. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk