Вардар со голема победа во Монпеље!

MОНПЕЉЕ - ВАРДАР 25-28 (10-14)
Вардар: Томовски (14 одб), Гогов, О. Њокас 5, Тото 4, Стоилов 4, Дибиров 3, Моралес 3, Георгиевски 2, К. Њокас 2, Карапалески 1, Талески 1, Ѓукиќ 1, Диало 1, Валчак 1, Чувара, Крстевски




Вардар вечерва го надмудри и исконтролира фаворизираниот француски Монпеље и со голема победа се враќа во Скопје. Победа што веројатно му обезбедува место во елиминациите, а ако продолжи во ваков стил и на следните три меча на кои има и полесни противници би можел и до полесен противник во нокаут фазата. 

Вечерашната средба беше со две раце потпишана од Давид Дејвис под чие водство по разочарувачкиот старт против Нексе во релативно небитен меч во СЕХА и домашните загревања, Вардар одигра пооинаков меч. Натпревар на кои на дело можевме да видиме две битни работи за кои пишувавме минатиов период, а тоа се систем и контрола на темпото. 

Се почна од одбраната која одлично си ја вршеше својата работа, предводена од Мартин Томовски кој во првиот дел имаше девет интервенции, а во нападот имаше „германска“ дисциплина и се играше мирно, до сигурна позиција, со напади што траеја долго и го диктираа ритамот на мечот. Враќањето во одбрана беше многу битна работа која не им дозволуваше на домашните да развијат транзиција и да го забрзааат темпото на мечот. 

Не мина долго време откако Вардар водеше со 3-1, 5-3 и 7-5, а во редовите на Монпеље се јавија првите знаци на нервоза. Во отсуство на Симонет и незабележливата партија на Вилмино, (не)очекувано нервозниот Валентин Порт во ситуација кога губи и кога не може да воспостави ритам го водеше тимот во нероганизирана борба која им одговараше на македонските ракометари. 

Погодуваа Њокаси и Моралес, погодуваа пикерите, се осоколи Карапалески и на полувреме Вардар имаше водство од 14-10. 

Уште поголема беше нервозата во продолжението на средбата, а одлуката на Партис Канаје да напаѓа со седум играчи и без голман доведе со три лесни гола и Вардар поведе и со големи осум гола разлика (21-13). 

Во последните десет минути Монпеље го засили темпото, успеа да анулира три гола и да дојде до позиција да го зголеми притисокот врз Вардар. 
На нешто повеќе од три минути до крајот Вардар имаше 26-22, а Дејвис го искористи својот тајм аут за да го смири амбиентот и без разлика што Моралес не погоди за плус пет во нападот што следеше, приказната за Монпеље ја заврши со стил Мартин Томовски со својата 14 одбрана. 
Моралес погоди за 27-23 што беше дефинитивен крај за Монпеље и крај на серијата од седум порази по ред во Лигата на шампионите за Вардар. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk