Благодарение на неверојатната партија на својот голман, Бразил стана шампион на Јужна и Средна Америка. Познати четири нови патници за СП Шведска и Полска.
Бразил ја совлада Аргентина (20-17) во финалето на Шампионатот на Јужна и Централна Америка. Ранхел де Роса голманот на Бразил одбрани пенал и три зицери во финишот откако Бразил поведе 18-17. Неговите интервенции спречија драма, Бразил поведе 20-17 и финалето беше решено.
Чиле го совлада Уругвај 29-21 во мечот за бронзен медал, па така овие четири репрезентации, Бразил, Аргентина, Чиле и Уругвај ќе одат на СП Шведска и Полска.
Овде мораме да додадеме дека според регулативите на ИХФ што важеа за СП Египет 2021, Јужна и Централна Америка ќе загубеа едно место на СП затоа што квалификациите ги организираа со само седум екипи. Но, поучени од „Турнирот последна надеж“ што беше своевидно фијаско и компликација до небо за ИХФ кога се доделуваа местата за СП Египет, регулативите се променети.
Сега, за да ги одбранат трите „загарантирани“ места, потребни им се само шест екипи во квалификациите. Дополнителното, односно заработеното четврто место (според пласман на СП 2021) не влегува во оваа квота. Доволни им се седум екипи за да добијат четири места на СП, а седмата екипа, Боливија во квалификациите беше турист што губеше по 60 гола разлика.
Но, ИХФ така ги стокми регулативите што Јужна и Централна Америка без проблем добиваат четири места, но нема да можат да добијат пет, затоа што тогаш одново важи правилото да има двојно повеќе екипи во квалификациите од места што водат за СП.
Подвлечено - Двојно повеќе екипи во квалификациите од места на СП треба да имаат за три места (шест екипи), за четири места тоа не важи, а ако треба да имаат пет екипи, одново важи правилото и ќе треба да имаат 10 екипи во квалификациите.