Периодов актуелен хит е филмот Don't Look Up! Накратко филм во кој комета што се приближува и ќе судри со земјата. Но, веста не е доволно атрактивна и е маргинализирана се додека не се појави на небото. Па дури и тогаш.
Не со такви армагедонски пропорции, но си има своја комета македонската репрезентација. Одамна, многу одамна во Македонија постои прашањето што кога Кире нема да игра? Зошто македонските играчи во своите клубови и тоа во Македонија се маргинализирани. Како ќе се изведе смената на генерации и дали тоа ќе биде безболен процес...Сите знаеме колку и каде играат нашите играчи... и одеднаш се случува не само Лазаров туку уште тројца познати играчи одеднаш да не можат да играат и сите се чудиме како тоа сме загубиле од Црна Гора...
Ако сакате најкратко објаснување за ова што се случува во првите две кола во Дебрецен тогаш важи следново:
Македонија не е екипа што може да дозволи за остане без четири играчи, а тоа да не се одрази врз играта.
Македонија остана без Кире Лазаров, Дејан Манасков, Столе Стоилов и Никола Маркоски и тоа не може да не се одрази врз играта. Смената на генерации е овде, но немаме ние талент како Матијас Гидсел, Домен Макуц и сличен профил на играч што може да се интегрира веднаш и да “експлодира“ на првенство.
Колку поголеми очекувања, толку поголемо разочарување. Убаво искоментира колега од хрватски Спортски Новости во една своја колумна на македонски портал.
“Македонија не е Вардар кој ја освојуваше Европа. Тоа се некои поинакви реалности што не спааѓаат во европскиот врв“.
Очекувањата на јавноста во Македонија не се намали ни за степен и покрај тоа што рековме, играме без планирана четворка на играчи. Напротив, победа над Словенија беше „скриена“ желба, а Црна Гора не ја ни сметавме.
Тоа, особено кон Црногорците е „потценување на противник“, затоа што тие имаат поискусен тим, во кој Небојша Симиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ се веќе изградени ѕвезди. Васко Шеваљевиќ впрочем беше донесен во Македонија како засилување покрај Талески на пример, Радовиќ е во Битола, веројатно го паметите и Божо Ангелиќ своевремено прв плејмејкер во Металург... Не е ова тим што треба да се потцени, особено не во ситуација во која беше Македонија. Да бевме комплетни, ќе баравме сигурна победа, вака...
На македонските играчи, сериозно им замеруваме што не искинаа ниту еден црногорски дрес во одбрана. Што не искористија шанса ова играње на ЕП да им биде отскочна штица во кариерата. Напротив, дозволија ситните префлања да ги извадат од колосек, што се „исплашија“ од Симиќ. Заслужија многу критики, но да се нарекуваат со секакви имиња, да се фрлаат клетви, пцовки - тоа не го заслужија.
Ако сакаме, пак, да погледнеме, пак, кон суштината на проблемот тогаш треба да погледнеме и кон тоа што се работи кај нас. Клупските интереси се далеку пред тие на националниот тим. Постојано се бара некоја стратегија што треба да ја направат РФМ и селекторот на пример, но тоа е за да може потоа истата таа да се критикува и да не се почитува.
Не одат рака под рака борбата за што поголем број на странци, купување на играчи од едниот крај на светот до другиот и истовремено да се произведува и штити домашен продукт. Како еден пример го неведуваме ова. И тоа не само во водечките клубови, туку и во сите под нив во хиерархијата. А примери имаме повеќе од еден.