Хунгароринг: Број 1 и Алан ФордОвците



За ден два почнува Европското сениорско ракометно првенство. Петнаесетто по ред. Мое 13 големо натпреварување на кое известувам како професионален новинар. Ќе ви откријам и една мала пикантерија, кога беше летошната ждрепка, речиси сите македонски новинари имавме една желба - да не биде Дебрецен. Бидна ждрепката и бидна Дебрецен. 



По 12-13 часа возење дел низ со снег завеаната Србија, дел низ мали села-гратчиња низ Унгарија што во темницата во 18 часот изгледаат како луѓето наврат-нанос ги напуштиле, со имиња што ако пробате да ги изговорите ќе се најдете во сериозна опасност да се задавите со сопствениот јазик, еве не во Дебрецен. Градот не пречека топло. Минус три на термометар, real feel -12. Тоа беше вчера. Вечерва е исто. Топло не пречекаа и ЕХФ и локалните организатори. Но, да одиме од почеток. 

Од моментот од пред два-три дена кога мојот колега и другар Младен Милетиќ, уредник во хрватски Вечерњи лист ми испрати една колумна во која ракометот го спореди со Алан Форд стрип, почнав и од тој агол да гледам на работите, барем за нас медиумите. И се повеќе сум убеден дека малку по малку се претвораме во јунаците од овој стрип, „ТНТ“ со исполнети критериуми и негативен ПЦР, вистински Алан ФордОвци. 

Пред неполн месец ИХФ во Шпанија организираше Светско првенство за жени, со екипи дојдени од Парагвај до Јапонија, преку Порторико, Казахстан и Узбекистан. Постоеше Ковид, имаше протокол, имаше и публика. Освен откажувањето на Кина поради еден позитивен случај во нивните редови и понекој позитивен играч, немаше сериозен проблем. На затворањето претседателот Хасан Мустафа, се збуни и место да каже дека сребрен медал освоила Франција, рече дека сребрен медал освоила Данска. 

Европските медиуми го растргнаа времешниот и вечен светски „Број 1“ со цвеќара, пардон централа во Базел. Наречен со многу имиња, најчесто стар и дементен, а уште од времето познат како „диктатор“ светскиот „Број 1“ беше предмет на исмевање на медиумите низ цела Европа. Не ми беше смешно, туку тажно и се поштедив од текстови за таа епизода. 
Светскиот „Број 1“ не чини, тоа сфативме, но, што правиме со вечниот европски „Број 1“ со цвеќара, пардон, централа во Виена? Тој би требало да е жив и здрав и во полна сила. Колава е разликата меѓу нив? Всушност има разлика, но таа не е во полза на Европа, напротив. 

Кој последен се смее, најслатко се смее, велат старите. 

Последен се смее ИХФ. Им се смее на медиумите. 
- Вакцинирани и сами си плаќате тестови за Ковид а? , можам да ги замислам во цвеќарата, пардон централата во Базел како зацрвенети во лицата, се смејат, се чешкаат за стомак и пакосно покажуваат со прст.
На мундијалот во Шпанија, доказ за вакцина или прележан ковид беше доволно, а тестовите ги подмируваше „диктаторот“. 

Не само што сами си плаќаме, туку и сами си бараме лаборатории низ Дебрецен, Сегед, Будимпешта.
Цени? Права ситница. Сосема регуларни и секојдневни 25 евра за антиген, 50 евра за ПЦР. И така за секое влегување во сала, треба нов тест.
За волја на вистината ЕХФ и организаторите на првенството како што доликува на настанот, ни излегоа во пресрет и направија пунктови за тестирање во близина на салата. Но, како и во секоја добра алан фордовска приказна - цените на на тестовите во овие пунктови се 50 за антиген, а 100 евра за ПЦР. 
100 евра е цена за која можете да го гледате Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд, а не ракомет Словенија - Црна Гора во Дебрецен. 
Црешата на оваа торта е што во Унгарија ќе се игра со публика, можеби и пред 5, 10, 15.000 публика, а таа нема потреба да прави никакви тестови, туку само доказ за вакцина и маска на лице. 
Но, да не претерувам со нашите маки, чувството дека сме дел од големото семејство предводено од „Бројот 1“ ни е сосема доволно. 

Европската цвеќара, пардон централа направи неколку сериозно лошо потези на највисоко ниво што веќе се вратија како бумеранг. 
Можеби ќе беше најдобро да го ископираат или малку модифицираат мундијалот во Шпанија, но тие воведоа три задолжителни теста (4, 7 10 јануари) и 14 дена карантин за секој позитивен играч. И почнаа проблемите, позитивни на сите страни, меѓу нив и ѕвезди како Карабатиќ, Дувњак, Циндриќ. А ЕП без Карабатиќ и Дувњак, не е ЕП. И така сите едвај чекаат да заврши, а не ни почнало. 

По ова, иако глобалната слика со Ковид не се подобри туку се влоши, го намалија периодот на изолација од 14 на 5 дена?! Ако го намалија на 5 зошто не го укинаа воопшто? 
Доказ за вакцина и негативен ПЦР на 48 часа до натпревар и зелено светло за на терен, баш како во Лигата на шампионите што истите тие ја организираат.
На крајот на краиштата имаат и сосема нови пунктови за тестирање на ова ЕП, веднаш до салите. 



 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk