Пишува: Ричи Ѓамовски, уредник на g-sport.mk
Македонија следната недела го почнува учеството на своето седмо Европско првенство, шесто по ред. Пласманите досега ни биле 12, 5, 10, 11, 11 и 15 место. Што да очекуваме сега?
Пред да почнеме било што да анализираме, мораме уште еднаш по којзнае кој пат да споменеме дека од 2020 работите се променија. Тоа што во Австрија бевме на 15 место со една победа, а во Полска 2016 со едно реми минавме во главна рунда се должи на промената на системот по кој се игра ЕП. Систем по кој по три кола точно пола од екипите ќе си одат дома.
Сега од групата минуваат само две екипи, а ние имавме таква среќа да сме во група со две репрезентации од Топ 10, а тоа се Словенија и Данска.
Не е ова барање на некакво алиби, системот е ист за сите, но ако ова се игнорира, тогаш се прави од две причини. Незнаење или (зло)намерно. Лесно е да се замиже со едно или двете очи, да се постават критериуми што и во минатото биле (пре)високи и потоа да бараме што не чини. Уште од сега знаеме нешто што не чини, тоа се ЕХФ и нивниот систем на играње на ЕП.
Македонија е длабоко навлезена во фазата на трансформација на репрезентацијата и веќе е до точка од која нема назад. Ова е последното ЕП на Кирил Лазаров, веројатно и на Филип Миркуловски како играчи, би рекле и последна фаза од трансформацијата на тимот. Немаме брз и безболен рез, од едноставна причина што кај нас не се етаблираа „некои“ си Гидсел, Холм, Енгесан, Наи или Пранди. Ниту пак имаме нов Сичко, Кулеш или Макуц ако веќе одиме кон крајност.
Нашите клубови (традиционално) не им ја дадоа потребната минутажа ниту нешто видливо напредуваа повремените и актуелните репрезентативци низ клупските настапи, па дел од нив и почнаа да го губат статусот. Со чест на исклучоци.
Што е тоа што го имаме? Го имаме Кирил Лазаров на терен и на клупа. Имаме и федерација што верува во него и му има дадено одвразни раце да ја трансформира, селектира и води екипата кон тоа што ја чека утре, задутре. Имаме и доволен фонд на играчи да направиме тим што ќе ги исполни примарните цели.
Ова не е прв пат Македонија да се обиде да го трансформира тимот. Паметам изјава дека младите потфрлиле, но дека научиле вредна лекција и дека ќе направат се следниот пат да биде поинаку.
Тоа беше по СП Франција 2017.
Оттогаш се сменија Лино Червар, Раул Гонзалез и Данило Брестовац. Еден селектор со златни медали од СП и ОИ, друг креатор на систем и титула во ЛШ и еден македонски вреден и квалитетен селектор. Сите се обидоа со нешто старо, нешто свое и нешто ново, но одново сме тука некаде, на почетокот.
Сега и времето не притисна и веќе нема место ниту за чекор назад. Се што ќе се (с)работи е за тоа што не чека утре и задутре.
Кирил Лазаров одбра пат и правец. Одбра и одличен тим на соработници. Ќе му треба време, ќе му треба поддршка. Креирање на игра што ќе биде доволно квалитетна да го задржи континуитетот на настапи на ЕП и СП за нас е примарната цел. Тука некаде ќе го таргетираме и посакуваниот резултат на претстојното ЕП. За критика секогаш има и место и време и таа е неизбежен и посакуван елемент, доколку е издржана и произлегува од квалитетно направена анализа.
Ги имаме и Филип Миркуловски, Столе Стоилов, Гоце Георгиевски, Никола Митревски, Жарко Пешевски. Тие ќе бидат костурот на тимот. Предизвик ќе биде да се направи квалитетна одбрана, но и така, безмалку се што ќе правиме на ЕП ќе биде предизвик.
Една победа ни е неопходна, но мора резултатот да биде добар и на другите два меча. Рековме каде го таргетираме примарно посакуваниот резултат - меѓу првите 15. Така би требало да добиеме прв шешир за квалификациите за СП 2023.
Не би им наметнувале посебен притисок, но многу што зависи од тоа што ќе го одиграат Филип Талески и Филип Кузмановски. Време е да ги рашират крилјата и да полетаат.
Имаме и континуитет на настапи. Знаат добро сите играчи што значи ЕП, како се игра таму, каков е притисокот. Имаме тим што десет години по ред игра на сите големи натпреварувања. Тоа е нешто што треба да се цени и континуитет што по секоја цена треба да се одбрани.
Што да очекуваме од ЕП? Машка и паметна игра, нешто ново во транзицијата, долгогодишно искуство во служба на репрезентацијата. Да бидеме тим што знае што прави и што сака на терен, без оглед кој игра. Можеби ќе победуваме, можеби ќе губиме. И во двата случаи главата треба да е горе, а достоинството зачувано. Доаѓаат утре и задутре, нема да биде полесно тогаш. Мора да има тим што ќе биде спремен за тие потешки времиња.
ЕП е доволно блиску за да се извадат куферите и да се избрише прашината што во Ковид седењето по дома се наталожи врз нив. G-sport ќе го следи ЕП во живо во Дебрецен, бидете со нас, ќе бидете информирани брзо и квалитетно за се што ќе се случува таму.