Македонија вечерва го совлаа Кувајт, убедливо со десет гола разлика и покрај тоа што настапивме без многу играчи, без поискусните ракометари.
Селекторот Кирил Лазаров е задоволен по натпреварот:
„Среќен сум не затоа што победивме со десет гола разлика туку сум среќен затоа што пред натпреварот на нашите играчи им укажав дека денеска играме без девет играчи, што не се овде од разни причини. Успеав да ги уверам дека ако се сака се може. Го покажаа тоа на терен. Радосен сум во првото полувреме беше само еден, но во второто полувреме го засиливме ритамот и победивме со десет гола разлика.
Не ми е толку важен резултатот, важен ми е пристапот и тоа што го договаравме го спроведовме на терен. Ова ќе биде поттик за тоа што ни преостанува за работа во следните денови. Да ги задржиме добрите и да ги поправиме слабите работи.
Не може да не понесе еуфорија, знаеме што не чека. Кувајт не можеме да го споредуваме со Данска, Словенија, тоа се два различни света. Знаев дека ќе одиграме со многу жар, затоа што минативе денови работевме многу посветено.
- Шанса на овој натпревар добија и помладите играчи, како задоволија со играта?
Видете, едно е клуб, друго е репрезентација. Имаме промена на генерација и мораме на вакви натпревари да им дадеме шанса на помладите. Добар дел ја искористија, ова е за нив поттик, кураж да се борат пожестоко.
Сакам тоа што малку го загубивме минатите години, да го вратиме. Играњето во репрезентација мора да се заслужи. Повик за репрезентација е едно, можете да повикате секого, за да видиме кој до каде е. Но, за настап на голем меч на големо натпреварување, сакам да имаме поголем фонд на играчи што ќе конкурираат, да се борат во своите клубови за место и да не убедат дека треба да ги повикаме во репрезентацијата“, изјави Лазаров.