Иако „паниката“ е значително помала, бројките на Ковид позитивни во екипите веќе стануваат сериозна конкуренција на бројките што беа на почетокот на пандемијата, во времето кога се затвораа салите и се одложуваа натпреварите.
Франција ги пријави Никола Карабатиќ, Беноа Конку и Јанис Лене во првиот бран на позитивни играчи. Но, уште не стигнаа нивните замени, селекторот Гијом Жил се соочи со нов проблем. Уште пет нови ракометари се позитивни на Ковид.
Реми Десбоне, Иго Деска, Дилан Наи, Елоим Пранди и Омерик Мине се петмината нови позитивни во тимот на Франција. Прашање е дали и таа бројка е конечната.
Во тимот на Франција поради семејна трагедија стартот на подготовките го пропушта Винсен Жерар, а поради повреда нема да настапи и Недим Ремили.
Слична е ситуацијата и во Данска, но во нивниот национален шампионат каде за одложување на натпревар во еден тим треба да има минимум пет позитивни играчи.
Препотследното коло беа одложени шест од седум натпревари, викендов беа одложени пет средби.