Словенецот Урош Зорман, тренер што најскапата тренерска школа ја мина под менторство на Талант Душебаев во Келце, отпаѓа од листата на конкуренти за тренер на Вардар.
Поучени од долгогодишно искуство, дека кога се бира тренер до последен момент не е ништо готово нема да му ја „затвориме“ вратата на Словенецот. Но, според
информациите што ги добивме од Словенија, а тие велат дека Урош Зорман нема да биде новиот тренер на Вардар, можеме да го побараме решението на друга страна.
Урош Зорман втор пат во својата тренерска кариера која трае од 2018 кога стана асистент на Душебаев во Келце беше во конкуренција за клупата на Вардар. Првиот пат, речиси договорено, во последен момент трансферот пропадна и Вардар го доведе Веселин Вујовиќ за тренер.
Сега, одново нешто тргнало наопаку и трансферот пропаѓа. Барем засега.
По ова одново се враќаме на двете опции што се појавија неполн час откако Веселин Вујовиќ и Вардар ја раскинаа соработката.
Давид Давис, поранешниот тренер на ЖРК Вардар, потоа и тренер на Веспрем, а во моментов без ангажман и Славко Голужа чие име кој некако постојано во минативе 3.5 години го слушавме за кандидат на разни екипи. Вклучително и за двата македонски водечки клуба во моментите кога ангажираа тренер. Колку било тоа издржано тогаш, е прашање околу кое нема да трошиме време, исходот го знаеме. Но, сега откако дефинитивно ја заврши 4.5 годишната авантура во Прешов од Словачка, можеби ситуација е посериозна.
Засега овие двајца кандидати се некако најспоменувани и би рекле најсериозни, иако ќе излажеме ако кажеме дека немаме слушнато и за други опции.