Александар Јовиќ: Ќе учиме да играме на резултат

Пишува: Ричи Ѓамовски

Александар Јовиќ е пионер, еден од предводниците на новиот тренерскиот нов бран, составен од ракометари што се уште повеќе ги паметиме како играчи отколку како тренери. 
Но, во ерата на Лино Червар во тогаш силниот Металург, Александар Јовиќ се профилираше како успешен тренер кој се специјализира за работа со помлади играчи. Работеше во длабоко во рудникот во Автокоманда од каде излегоа за брусење ракометарите од генерацијата во која се Талески, Велковски, Јагуриноски, подоцна Кузмановски... Беше и селектор на млади категории, а неговите производи стигнаа до шесто место на мундијал. Сега истата работа ја работи во Битола и веќе се гледаат и резултати. 



Еурофарм Пелистер 2 е пријатното изненадување во првенството. Помладиот битолски тим е комбинација на две генерации на македонски ракометари плус искуство што го добиваат од мал број на странци. Напредокот на браќата Петар и Павле Атанасијевиќ, на Цветан Кузманоски, плус Димитриоски, Арсеновски... го ставија овој клуб во згодна позиција да се бори за Плеј оф. Иако не е се завршено, блиску се до целта. Победата над Вардар е круна на нивната сезона и тоа сред сезона и со тој меч ги освоија симпатиите и надвор од Битола. 

„Беше тоа добар меч“, го вративме малку Јовиќ во најславниот период сезонава. „Изиграа машки, не потклекнаа не го изгубија фокусот кога во финишот се кршеше резултатот. Јас сум многу задоволен од екипата, но мораме да научиме да играме на резултат. Ние имаме осцилации. На неколку натпревари водиме неколку гола, па губиме неколку, па одново се враќаме. Тоа е сегмент на кој ќе работиме и мораме да го поправиме“, вели Јовиќ. 

Таа средба одново исфрли на површина неколку млади македонски надежи. Но, проблемот со македонските млади играчи во суштина се јавува кога се прави тоа префрлање од млади категории во сениорска конкуренција. Како Јовиќ гледа кон младинскиот ракомет и што треба да се направи за да се крене тоа ниво и полесно да се продуцираат готови играчи?

МИНИ РАКОМЕТ
„Лично сметам дека ни е потребен поинаков систем на натпреварување во млади категории. Кога јас би се прашувал, сите клубови од Супер лигата би морале да имаат секција во мини ракомет. Нека биде тоа како забава, како база, почеток на нешто и оттаму да се создава љубовта кон ракометот. 
Кај нас нема селекција 2008 година, односно помлади пионери, сметам дека и тоа е добро да го има секој клуб. Потоа задолжителна пионерска селекција, која заради трошоците и возраста и термините е во ред да се игра по региони. 



КАДЕТСКИ И МЛАДИНСКИ ЛИГИ
„Сметам и дека системот на натпреварување во кадетска и младинска конкуренција треба да биде поинаков. Според мене, кадетите и јуниорите треба да играат во една единствена лига, не по региони. Вака, бројот на натпревари е премногу мал, само десетина. Тоа е премалку за млад играч да напредува во своја конкуренција. Кога би играле во единствена лига, би имале многу повеќе натпревари. Знам дека и тој систем има свои побарувања, но ако сакаме напредок на младите играчи, ќе треба и да се вложува и да се жртвува“. вели Јовиќ. 

- Како гледаш на моментот, по примерот на други држави, клубовите да се специјализираат за работа со млади играчи?

„Овде имаме клубови што се определени и работат и произведуваат играчи. Неминовно е поголемите клубови да се заинтересираат за поквалитетните ракометари, но би требало таквите помали клубови да бидат соодветно наградени со некој вид на компензација или отштета при трансферите, да не ги уништиме туку да имаат мотив да продолжат да работат“, вели Јовиќ. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk