Е. ПЕЛИСТЕР - ТАТАБАЊА 33-20 (17-9)
E. Пелистер: Секељи, Кизиќ, Мараш 6, Табоада 5, Периќ 5, Мандалиниќ 4, Ојлески 3, Божиќ - Павлетиќ 2, Костески 3, Кукуловски 1, Куковски, Танкоски 1, Обрадовиќ 1, Маркоски, Велковски, Граџан 2,
Еурофарм Пелистер ја забележа својата втора победа во Европската лига, прва на домашен терен. Вечерва во Битола капитулираше екипата на Татабања.
Унгарците дојдоа во Битола освежени со новиот тренер, но магијата ја снема во „Боро Чурлевски“. Од друга страна, битолчани се во своевиден транс по второто полувреме што одиграа во Швајцарија и од тој меч играат се подобро. Вечерва беа супериорни и можеа да одиграат што и да замислеше тренерот Бабиќ.
На почетокот на натпреварот, Жељко Бабиќ го остави Стипе Мандалиниќ на клупата и почна со Рене Табоада во составот, а тој играше симултанка и постигна три од првите четири гола за Е. Пелистер. Благодарение на тоа, Пелистер презема контрола во десеттата минута. Ојлески, а потоа и Периќ од пенал донесоа водство од еден гол.
На спротивната страна, левиот бек, Бенце Здолик правеше најмногу проблеми, но публиката им даде крилја на домашните. Матео Мараш погоди за 7-5, прв пат за плус два во 13 минута, а Мандалиниќ со првиот гол го принуди Драган Ѓукиќ да побара тајм аут при 8-5 за битолскиот состав.
Следеше интервенција на голманот Секељи, а потоа и Мараш со два врзани гола му донесоа на Е. Пелистер водство од 11-6 во 20 минута од мечот. Средбата фати правец од кој немаше бегање.
По 24 минути игра, Е. Пелистер имаше постигнато двојно повеќе голови од противникот (14-7), а тренерот на Татабања, мораше да побара и втор тајм аут.
Но, немаше спас за Унгарците. Табоада кој во меѓувреме се врати во игра, продолжи од каде што застана и со својот четврти гол донесе водство од 15-7. До крајот на полувремето, гостите успеаја да се одбранат од двоцифрена негатива и на одмор се замина со резултат 17-9.
Прв пат границата од 10 гола беше надмината во 34 минута (19-9), a потоа почна шоуто во битолската сала. Се играше како да е 0-0, публиката беше на нозе и го поздравуваше секој добар потег, а такви имаше и во одбрана и во напад, па Ѓукиќ се обиде да го спаси својот клуб од катастрофа и побара и трет тајм аут во 40 минута, при негатива од 14 гола разлика (24-10).
Во последните 10 минути се влезе со резултат 28-13, победа обезбедена уште многу одамна во натпреварот, па се што остана е да се анимира публиката, а и да им се даде шанса на играчите што вообичаено и шансата ја чекаат од втор план.