Заминувањето на францускиот интернационалец Абдула Мане ја продолабочува во моментов кризата во која се наоѓа клубот од „Автокоманда“, но истовремено од таму доаѓаат најави за подобри времиња.
Претседателот на клубот, Зорица Блажевска, денеска реагираше до јавноста по повод актуелната ситуација во клубот и плановите за во иднина.
„Ништо не е случајно, ниту без план. Одамна требаше да се направи рез, колку истиот да е болен. Да се расчистат долгови, без да се создадат нови. Можеби се ќе беше веќе средено да не се случеше Ковид-кризата која значајно ги намали нашите приходи. 8-9 годишни долгови се појавуваат секојдневно, но и нови договори кои нема да дозволат да се стави клуч на врата.
Јас имам разбирање за играчи и доверители кои немаат можност да се снајдат во оваа ситуација која настана во јули, после формирањето на ростерот, но и замолувам за трпение.
Докажав како претседател дека намерата ми е комплетно раздолжување, можеби оди бавно, но нема да застанеме.
Не знам зошто е тешко да се сфати, ниту зошто се посочува како срамна ситуација, едноставно е, секој има лоши и добри периоди. Ние имаме долгорочни планови и никој нема да биде изоставен.
Секој чекор е добро промислен, секој партнер за новата 2022 е внимателно избран. Ќе има и промени во тимот, но не само негативни.
Добро е да се прифати дека овој Металург не е истиот од 2012/13 и политиката не е иста. Плукањето по медиуми и навивањето да згасне клубот нема да помогне никому.
Силен Металург е клучен за ракометот во Македонија, враќањето на таков Металург е наша цел, дури и ако треба да се почне од нула. Секое лошо за добро е, и овие промени, колку и да се турбулентни, ќе се уверите дека водат кон подобра иднина“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска