Денеска игра Вардар, Алборг е ново име на менито

Денеска се играат комбинирано, натпревари и од двете групи во Лигата на шампионите и тоа го прави денов, своевиден ракометен празник. 
Во Скопје игра Вардар и тоа за македонските фанови централниот настан, но денеска се среќаваат уште и Веспрем - Барса, Флензбург - ПСЖ двата меча што сигурно ќе привлечан огромно внимание меѓу ракометната публика. 



Алборг, ланскиот изненадувачки финалист е во Скопје и вечерва од 18:45 ќе го гледаме на меч со Вардар. Алборг и лани требаше да не биде изненадување. Лукас Сандел и Феликс Клар, бековското дуо што ја одведе Шведска до финале на СП Египет и натаму не ѕвони од популарност. Меѓу нив е „диригентот“ Хенрик Мелгард, специјалист за транзиција, играч од два правца што е не е голем потрошувач на топки. Ако треба со некого да го споредиме, би рекле дека неговата важност за тимот онаа што Филип Миркуловски ја има кај нашата репрезентација. 

Норвешкото крило Кристијан Бјорнсен лани играч на Вецлар и пикерот Јеспер Нилсен лани играч на РНЛ се двете најзвучни имиња од новитетие на Алборг што ќе ги видиме денеска. Најпознатото име во нивниот тим, Арон Палмарсон е повреден и денеска нема да игра. Ги очекуваме составите за да видиме дали и голманот Микаел Агефорс се рехабилитирал или ќе го пропушти и овој меч. 

Алборг лесно со двоцифрена разлика го совлада ППД Загреб (34-24) како гостин и таа средба и тој резултат воопшто не ни се допаѓаат имајќи предвид како се одвиваа двата дуела на ППД Загреб и Вардар неодамна. Уште помалку ни се допаѓа резултатот 36-28 против силниот Монпеље во минатото коло. 
Монпеље беше во константа негатива цел меч, но во еден момент во вториот дел успеа да се врати во игра. Накратко само, едно исклчување кај Французите ја активираше данската машина и средбата веднаш беше решена. 
Самиот факт дека вака опишуваме меч на Монпеље, доволно говори за Алборг. 

Данците, сепак, генерално, не можат да се пофалат дека доминираат над македонскиот стил на игра, кога не се на домашен терен. Од нивните репрезентации преку нивните клубови. Има балканскиот ракомет лек за скандинавската транзиција, особено кога има битка гради во гради на поставени одбрани. 

Вардар и Алборг досега немаат играно, па прашањето е како да се извади од ритам тим што транзицијата ја има усовршено на ниво на плеј-стејшн и каде пад на концентрација од две минути има големи последици, а да не зборуваме за „лош период“ што трае подолго. 
Веруваме дека одбраната на Вардар и искуството на Дибиров и Стоилов ќе го најдат вистинскиот пат вечерва. 

Арена Спорт 3 ќе врши пренос, натпреварот почнува во 18:45 часот. 

ДЕНЕСКА ВО ЛШ
18:45   Вардар - Алборг
18:45   Веспрем - Барса
18:45   Мотор - Келце
20:45   Флензбург - ПСЖ
20:45   ППД Загреб - Елверум

фото. Денис Дуковски/rkvardar.mk

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk