Сега сликата е комплетна. По ЦСКА и вториот најскап тим што играше квалификации за Европска лига е елиминиран. Српскиот интернационалец Патар Ѓорѓиќ и шпанскиот голман Сергеј Хернандез го „расплакаа“ Рајн Некар и го испратија дома каде што ќе ја игра целата претстојна сезона.
Бенфика имаше реми од Манхајм, но на прсти на една рака можат да се избројат екипите што протв РНЛ би рекле дека тоа е доволно за пласман во следна рунда.
Но, Бенфика вечерва беше тимот што многу повеќе ја посакуваше победата и пласманот во групите. РНЛ потполно потфрли, особено неговите најголеми ѕвезди.
Португалците уште од почеток преземаа контрола, имаа 9-4 и неколку пропуштени шанси при тој резултат. На полувреме беше 18-13, а Рожерио Мораеш од контр напад во вториот дел им донесе и комотни 20-15 по десетина минути.
РНЛ се врати на 18-20 и имаше напад за минус еден, но Ахуаносу направи чекори. Потоа почна жестока битка во која на крајот издоминираа двајцата најдобри играчи на Бенфика вечерва. Голманот Хернандез кој имаше 15 одбрани од кои по слободна проценка барем 12 беа зицери, контранапади и пенали. Другата ѕвезда е Петар Ѓорѓиќ кој постигна 8 гола, но секогаш кога требаше знаеше како да најде пат до мрежата на индиспонираните Палицка и Кациганис.
Конечно, средбата се прекрши на околу пет минути до крајот кога Анди Шмит промаши шут за минус три. Потоа се беше во знакот на славењето на избраниците на Чема Родригез.
Во групна фаза оди и Кадетен кој го елиминираше Гранољерс, тимот со кој играше и Т. Пролет. Швајцарците победија со 32-27, како гости, откакои на првиот меч, дома, победија со три гола (36-33).
Во шпанското дерби битката ја доби Адемар (28-27), но војната е за Ла Риоха (61-58), а понатаму оди и Лемго кој го елиминираше Валур од Исланд.
Претходно вечерва плсман обезбедија и Нимс, Тулуз, Екс Прованс, Нексе, ГОГ, Висла Плоцк, Берлин и екипата на Спортинг.