Аеродром за момент се врати на старата навика да постигнува над 40 гола на натпревар. Јуниор Кисела Вода со гостински бодови се враќа од дуелот со Куманово.
Андреј Петрески постигна 11 гола во победата од 43-29 на Аеродром над Кичево во мечот одигран во рамките на второто коло од Првата лига, Група „Б“.
Аеродром имаше полна контрола на мечот, солидно водство од четири разлика (8-4) уште во воведната фаза, а потоа почна голеадата која му донесе предност од 11 гола уште на полувреме (24-13). Во вториот дел разликата се зголеми за уште 5-6 гола и во тие рамки се движеше до крајот на средбата.
Резултатски многу посодржаен беше натпреварот што се играше во Куманово, каде што актери беа домашниот истоимен клуб и гостите од Скопје, Јуниор Кисела Вода.
Израмнето до гол, со преземање на водството во неколку наврати се играше во првиот дел кој заврши 13-11 за гостите, благодарение на серијата од 4-1 што ја направија по егалот на 8-8.
Тоа водство им овозможи помирно да го играат вториот дел во кој имаа разлика и од плус четири (20-16), но во неколку наврати домашните намалуваа и на два негатива. Но, пресврт или израмнување немаше, изостана драмата, а Јуниор Кисела Вода во Скопје се враќа со три бода.
Ратко Димовски од Јуниор Кисела Вода и Андреј Миладиновски од Куманово беа најефикасни на мечот со по шест погодоци.