Македонскиот суперлигаш Тинекс Пролет ја отвори годинешната европска авантура за македонските клубови. Скопскиот тим пристигна во шпанскиот град Гранољерс, гордиот сопственик на салата во која се играше ракомет на Олимписките игри во Барселона.
Тинекс Пролет утре и задутре ќе ги одмери силите со прославениот шпански клуб во рамките од квалификациите за Лигата на Европа. Историски најдобриот пласман во македонската првенство им донесе две кола квалификации до групната фаза за ЕЛ, а првиот противник е шпанскиот тим.
Иако шпанскиот состав веќе не е страшило, проценките на управата на скопскиот клуб беа дека најпаметно согласно силите, буџетот и амбициите е двата меча да ги играат на гостински терен.
Ракометарите и стручниот штаб денеска пристигнаа со директна авионска линија од Скопје до Барселона, по што се упатија до Гранољерс, град во непосредна близина на каталонската престолнина.
„Желба на сите во тимот е да се покажеме во што подобро светло на овие два натпревари. Фактот дека противникот е фаворит е само мотив повеќе за сите нас да покажеме што знаеме против еден квалитетен тим како што е Гранољерс“, порачуваат ракометарите на Тинекс Пролет.
Првиот натпревар меѓу Гранољерс и Тинекс Пролет ќе се игра утре во 19.30 часот, а вториот меч е закажан за сабота со почеток во 17 часот.