Денеска е денот за Вардар

Вечерва од 20:15 часот, Вардар го пречекува Загреб во 1/4 финалето на СЕХА. 




Вардар против Загреб. Двата клуба што учствуваа на сите досегашни Ф4 турнири на СЕХА, неделава меѓусебе ќе решаваат кој нема патува во Задар на претстојното издание на најдобрите. 
Бонус во целата приказна е тоа што ланската сезона на двата клуба, а можеби повеќе на Загреб не му одговараше да се доигра сезоната така како што се играше, па сега имаме Фајнал фор налик на тој од Лигата на шампионите, одложен и сместен на почетокот на новата сезона. Следствено календарски веќе во новата сезона па затоа и нема да играат составите од оригиналната сезона, туку од новата. А на тоа поле промени има многу. 
Сега имаме комплетно нови тимови, засилени секој по своја математика и спремни за премиерната битка за отворање на сезоната со успех. 

Вардар е комплетно реновиран со многу повеќе играчи што дојдоа отколку што останаа, вклучувајќи го овде и тренерот. Многу докажување претстои, Вардар има две ѕвездички на логото и тоа реноме мора да се брани. 
Загреб, пак, од друга страна, до доаѓањето на Ивица Обрван беше своевидна тренерска гиљотина. Сега веќе добро наликува на хрватската репрезентација, особено по доаѓањето на Гојун, Муса и Чупиќ. 

Низ подготвителниот период видовме многу, а во суштина и не видовме ништо. Особено од Вардар каде што се воигруваше и разигруваше екипа во која главно ги немаше првите ѕвезди, а тоа во овој случај треба да се Анте Кудуз и Едуардо Гурбиндо. 
Експериментирањето заврши, а готово е и формирањето на борбените линии. Од искуство знаеме дека и на двата тима им е многу важно да се на „Ф4“, па вечерва стартува 120 минутна битка во која ќе бидат користени сите оружја. 

Во Скопје ќе има и публика, па самиот натпревар ќе има и дополнителен шарм. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk