Децата ни ја вратија вербата во ракометот

Пишува: Ричи Ѓамовски

Во ситуација кога сериозно сме загрижени долгорочно, за иднината на машката сениорска репрезентација поради системот на натпреварување на Европските првенства (6 групи по 4 екипи), кога женскиот сениорки тим во предвечерјето на домаќинлакот на ЕП без некој особен ентузијазам чека разврска во поделбата на местата за следното СП, а во младинските категории се уште ни се врти сликата од дуелот со Јапонија од кадетскиот мундијал, веќе почнавме да чувствуваме емотивна празнина што би рекол маго од Умаг. 


Но, денеска е поинаку. Ракометот одново го гледаме со обновена надеж, а импресиите и по десетина пати прераскажаните натпревари се силни. Децата или „децата“ со неполни ехем, 15 одосно 17 и 19 години ни ја вратија вербата во ракометот. 
Долго, да не претераме, можеби 20 години откако како кадети ги гледавме Миркуловски, Кузманоски, Мите Стоилов и другите, играта на македонска кадетска репрезентација не ни предизвикала вака силни емоции. 

„Паралелното“ доживување,  стрим од Литванија каде што Младеновска, Ризоска, Дукоска итн. се бореа како ѓаволи со Исланд и истовремено во живо во „Борис Трајковски“, каде Марко, Аце, Петар и Павле итн. демонстираа борбеност, брза модерна игра и луцидност, а прскаа искри од дуелите на сите други што стапнаа на терен, ни ја врати вербата во ракометот. Играа лесно, брзо, модерно, на начин на кој не навикнавме и не очекувавме. И искрено, со нетрпение чекаме одново да имаат собир и да играат натпревар. 



Но, сега доаѓа делот, што најмногу не плаши. Транзицијата од кадети/јуниори во светот на возрасните професионалци. Тука најлесно се скршнува од вистинскиот пат. Многу пати сме го гледале филмот. Сега следи враќањето во клубовите, таму каде што треба да се калат до следниот повик на Савевски или Лазаров.
Каде што многу работи се сведени на резултат, на борба за вау... пардон, на борба за победа над секое градско, локално и секаков друг тип на дерби, излез или излет во Европа, борба за поделба на минутажа со повозрасни колеги, странски засилувања и странски „засилувања“... Рековме дека доаѓа делот што најмногу не плаши нели? 
Малку од малку не релаксира помислата дека, сепак, се враќаат овие деца кај Јовиќ, Матлиески, Грчевски, Марковски, финално со Кирил Лазаров, да не ги набројуваме сите до еден... Млади македонски тренери чија одговорност минативе пет дена драстично се зголеми. 

Но, сеедно ни е страв дека тоа ќе биде малку. Ракометната академија? Таа е добра за ракометот, се што е во тој правец е добро за ракометот, но сеедно, повторно ни е страв дека и тоа ќе биде малку. Зошто? Затоа што пред два дена пишувавме дека Спортинг плати вкупна отштета од 250.000 евра за еден 16 и еден 18 годишен ракометар. Затоа што и селекторот на победничката Полска каде пола играчи се од Келце и ги следи Талант и на Швајцарија која има играчи и од Бундес лигата, постојано при секоја изјава потенцираа, системот, системот, системот. А кај нас системот особено на клупската сцена е (не)малку поинаков, но тоа е друга тема. 

По одговор на оваа проблематика, ѕирнавме малку и во редовите на европскиот, светски и довчера олимписки шампион - Данска. Покрај се што имаат ,плус имаат развојна програма од која на пример пред два месеци како готов производ излезе Матијас Гидсел. За тие што не знаат кој е Гидсел, да кажеме дека има 22 години и беше МВП на Олимписките игри и во Ол стар тимот на СП Египет. Значи, ова функционира. 
Околу 14-15 ракометари се во тој програм, ракометари за кои е оценето дека поседуваат потребен потенцијал и со нив се работи индивидуално, постојано и ракометно, психологија, а се едуцираат и во други области, како што се на пример и односи со медиуми и едукација околу тоа како се насочи кариерата... 

Не велиме дека треба да се копира нивниот систем, копирање воглавно е лоша идеја особено кога скандинавијата треба да се преслика на балканот.  Но, од кого да учиме ако не од најдобрите?

Што се однесува до женскиот тим. Се обидовме да пронајдеме дел од критичко-аргументираните коментари, за оние другите не ни зборуваме на сметка на Љубомир Савевски по настапот на У19 репрезентацијата во Скопје. Не можевме, затрупани беа од лавината пофалби, поддршка итн. 

„Можеме ние да мислиме што сакаме, ама женската кадетска репрезентација на Македонија е пример дека со малку посериозен пристап и добар тренер, се е можно. Ако тоа не е пример од кој треба да научиме, тогаш не знам што е“. Ова е дел од коментарот на познатиот српски тренер и поранешен селектор на повеќе држави, Драган Ѓукиќ. 

Женската клупска сцена во Македонија е зона во која е многу поопасно да се работи отоколку во машката. Но, девојките сами си го расчистија патот пред себе. Сега треба да влезат во улогата на професионалци, да си ја одработат до крај работата, да изиграат на ЕХФ и да ја трасираат својата кариера. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk