Македонската У19 репрезентација проголта кнедла на дебито на ЕХФ Шампионатот и дуелот со Грција. Горчината на неочекуван пораз за прв пат како селектор ја почувствува и Кирил Лазаров.
Неговите пулени потфрлија, не го издржаа притисокот и грешеа и од ситуации во кои не смее да погреши.
„Ми се случило ова и како играч, сега ми се случи и како тренер, вели Кирил Лазаров. „ Игравме перфектно на подготовките, на натпреварот игравме лошо“.
„Очекував тежок натпревар, но не очекував дека ќе загубиме. Добро во лошото е што со каква и да е победа над Полска ќе одиме во полуфиналето“.
„Многупати во минатото и за мене како капитен и предводник, сега и како селектор сме оделе по потешкиот пат и изгледа дека нема бегање од таа работа.
Имаме нови играчи, некои од нив прв пат стојат мирно на македонската химна. Ги видов ситуациите, менував колку можев, но немоќен бев да ја сменам ситуацијата. Седум гола не се анулираат за две минути. Имавме шанса, имавме напад за минус еден, но не одеше.
Сега ќе се спремиме, ќе разговараме, ќе бидеме максимално спремни за натпреварот со Полска“, вели Кирил Лазаров.