Селекторот на Норвешка, Кристијан Берге, ќе биде приморан првата замена во тимот за Олимписките игри да ја направи пред да почнат игрите.
Голем пех за Норвешка на само неколку дена до стартот на Олимписките игри во Токио. Скандинавската селекција пристигна во јапонската престолнина, но оттаму во спротивен правец заминува Јоран Согард Јоханесен, бекот на Флензбург.
Норвешкиот бек за „Ве-Ге“, откри дека се враќа назад без да прецизира детали. Но, набрзо медиумите од скандинавијата открија дека Јоханесен има проблеми со препоните и дека тие се посериозни отколку што се мислело во прв момент и тој мора назад.
Норвешка и Шведска, пак, одигра контролен натпревар во Фукуока. Средбата беше прекината во 52 минута поради лизгавиот под и опасноста некој од играчите да се повреди. Во моментот на прекинот, резултатот беше 26-26.