Прославениот ракометен ас, Џуан Кањељас остана без Олимписки игри.
![](http://wmk-ci.xsoftstatic.com/Write/07167/Images/Baneri/Alkaloid/0Black-up-2021/Black-up_-baner_300x250-px.jpg)
Голем малер го спотера некогашниот играч на Вардар Џуан Кањељас (34). Шпанскиот ас како репрезентативец има освоено злато од СП и ЕП, а со Вардар стана и клупски европски првак. За комплетна колекција, му требаше злато од ОИ.
Со речиси комплетирани подготовки, комплетно во форма пред настапот на најголемиот спортски настан и практично спакувани куфери за Токио, малерот му сервираше на Џуан Кањељас ситуација што му го расипа летото.
Џуан Кањељас заработи ситна повреда, по само неколку минути на контрлниот меч со Португалија. Медицинските скенери детектираа скинато (0.9 mm) мускулно влакно на листот на ногата. Повреда што ќе ја санира за 15-тина дена, Олимписките игри тогаш веќе ќе бидат почнати.
Селекторот на Шпанија, Жорди Рибера го откри составот, а меѓу патниците за ОИ го нема Џуан Кањељас. Олимписките игри се специфични, бројот на станарите во Олимпиското село е строго регулирано, па во ракомет само 16 играчи смеат да бидат во тимот. Нема место за резерви, гости...
Кањељас ја има опцијата да се приклучи на тимот во Токио, но тоа сега за него е далечна варијанта, што и самиот го потврди во мини интервју за Марка.
"Јас ќе се подготвувам за следната сезона. Треба да бидам фит за 15-тина дена. Не знам како и дали ќе гледам ОИ, ќе биде тоа претешко за мене. Мислам дека Антонио Гарсија има доволно искуство за да ме замени“ џентлменски одговори Кањељас.