ПСЖ и Алборг денеска се среќаваат во првото полуфинале на Лигата на шампионите во Келн (15:15ч)
Ќе мора да се сложите дека имињата Феликс Клас, Хенрик Мелград, Николај Ласо и Лукас Сандел не одѕвонуваат така звучно како Никола и Лука Карабатиќ, Микел Хансен, Недим Ремили, Даинис Криштопанс итн...
Но, не заборавајте една работа. Ова е Келн и тука престануваат да важат „законите“ за фаворити и аутсајдери. Барем тоа во Македонија многу добро го знаеме.
Впрочем, ако погледнеме наназад низ историјата на Фајнал Фор турнирот, од 2014/15 кога Барса, тогаш се уште под име Барселона ја освои Лигата на шампионите, досега не победил фаворит. Дури и кога имале неверојатни предности како Веспрем +9 на полувреме со Келце и Барса +7 на полувреме со Вардар.
Може ли викендов Алборг (исправно според транскрипција од дански - Олбор) да стане Вардар, Келце, Хамбург, Флензбур?
Колку и да е Келн град на чудата, сепак потребна е добра доза на хазардерство за да се обложиме на нив или пак да ги израмниме нивните шанси за победа со тие на ПСЖ.
Двете најголеми ѕвезди на ПСЖ, сепак, како тоа да го кажеме, не ги гледаме на највисоко ниво. Никола Карабатиќ се врати по седум месеци пауза во мај, а Микел Хансен на добар дел од последните натпревари на ПСЖ што ги гледавме кај Раул седи на клупа и изведува седмерци.
Ќе се реши ли Раул и попладнево да брка финале со Пранди, Стајнс и Ремили или пак ќе ги видиме мега ѕвездите Хансен, Карабатиќ и Криштопанс во главни улоги?
Предноста на Алборг е што тие не се ѕвезди туку тим. Везат по теренот, играат без притисок, но дали го имаат тoa што го имаше Вардар за да го запрат ПСЖ? Тоа е срце големо колку планина. Го има Албог тоа или не, ќе видиме попладнево.
Нивниот голем проблем е што од почетокот на јуни веќе играа два супер-тешки натпревари со Бјерингбро за шампионска титула (1-1), а им следат вкупно уште пет вклучително Келн и мајсторката (од која зависи дали и во септември со Палмарсон во тимот ќе играат ЛШ) во наредните седум дена.
Штета е и што „Ф4“ се поклопува со Европското првенство во фудбал, па денеска ќе мора да се бира дали поголемо внимание да се посвети на ПСЖ - Алборг или да се гледа Велс - Швајцарија во фудбал.