Нексе се распадна пред тврдината Загреб

Романтичната приказна на Нексе, шансите дека ќе го срушат единствениот неосвоен европски бастион, се претвори во 60-минутно фијаско.



Убаво изгледаше Нексе, со своите добри партии во Европската лига наспроти негативниот рекорд на ППД Загреб кој ги загуби сите до еден натпревари во Лигата на шампионите. 
Се чинеше дека е дојден моментот за смена на тронот, единствениот во Европа што е досега непроменет. Имено, Загреб е единствениот шампион што го имала Хрватска од осамостојувањето. Такво нешто во машкиот ракомет во Европа, не постои на друго место. 
ППД Загреб ја искористи ковид состојбата за да издејствува едномесечен прекин на првенството во кој неговите играчи излегоа од карантин и се спремија, но тоа истото важеше и за нашичаните. 

Конечно, дојде денот за големата пресметка и тоа на теренот во Нашице и тука Загреб, каде сега веќе се гледа и работата на Ивица Обрван, им одржа лекција на домашните и ги победи со 10 гола разлика (33-23). 

Нексе, по мечот реагираше незадоволно, но ќе им требаат повеќе аргументи од тоа дека Јагањац имал две исклучувања во првиот дел и дека се сценариото било однапред напишано за да ја убедат јавноста дека овие 10 гола разлика не се дело на подобриот на теренот туку на подобриот вон теренот. 
Како и да е, Загреб покажа дека е подобар и на терен и ќе остане шампион. А имајќи предвид дека следната сезона доаѓаат и многу позвучни играчи во тимот, му предвидуваме уште долго владеење во Хрватска. 


 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk