Нант го совлада Веспрем 32-28, а Алборг го совлада Флензбург 26-21 на денешните 1/4 финални натпревари од Лигата на шампионите.
Нант го совлада фаворизираниот Веспрем со 32-28 и за „неверување“ Нант е тој што треба да жали што резултатот е ваков. Имаа Французите и плус седум во неколку наврати, имаа и напад за плус осум во последните 10 минути, но изгореа во желбата да победат со што поголема разлика и на крајот сирената ги спаси да не биде само три.
Веспрем почна подобро, поведе со 10-7 кон средината на првиот дел, а пресвртот на Нант почна со влегувањето на Кирил Лазаров во игра.
Македонскиот ас ја диригираше играта на Французите, голманот Емил Нилсен ги полуде гостинските голгетери и домашните се вратија во игра со серија од 4-0. Поведе Нант со 11-10, а потоа почна симултанка на домашниот тим кој дојде и до плус седум 19-12.
Родриго Коралес е играчот што го спаси Веспрем од речиси сигурна елиминација. Шпанскиот голман имаше 17 одбрани од кои во голем дел беа зицери и интервенции во клучни моменти... Во финишот, домашните преагресивни, Начевски и Николов судеа одлично и дозволија вистинска машка битка на теренот, но претераа во клучните моменти двајца ракометари на Нант, останаа со четири играчи во поле и на крајот и со четири гола позитива. Во знакот четири заврши и Кирил Лазаров, погоди четири и промаши четири шута.
Алборг пак, предовден од Лукас Сандел, Хенрик Мелгард и Феликс Клар го надигра и за око и резултатски големиот Флензбург.
Данците во очекување да станат дрим тим, сега живеат поинаков сон и ако повторат и за седум дена барем 805 од тоа што го играа денеска, ќе го видат за прв пате Келн и без помош од Палмарсон или Микел Хансен.