МЕШКОВ БРЕСТ - БАРСА 29-33 (16-17)
Вајлупов 11, Јуринок 4 - Мем 10, Палмарсон 5
Ракометниот свет денеска е фокусиран на пресметката меѓу Кил и ПСЖ, но добро ќе треба да се испотат ѕвездите на овие два дрим-тима за да се израмнат со тоа што го одиграа Мешков и Барса.
Барса веќе може да бара превоз до Келн за годинешниот Фајнал фор откако вечерва го совлада Мешков Брест (33-29) во првото 1/4 финале од ЛШ како гостин во „Викторија“, на меч со публика.
По 15 минути игра се чинеше дека ова ќе биде тренинг меч за Барса. Доминираа Шпанците, играа како машина имаа 9-4, 10-5, 12-6 на семафорот.
И потоа од игра беше повлечен Пешиќ, влезе младиот голман Кусик, почна да брани, се разлета Вајлупов (8/8 во првиот дел)... ѕвездите на Барса одеднаш ги снема од теренот, виртуозноста на Палмарсон беше заменета со силата на Дика Мем, па така ги решаваа проблемите.
Брест се врати во игра, успеа и да израмни, иако на полувреме се замина со гол предност за гостите.
Сташ Скубе и Микита Вајлупов (фото) ги засенија сите на теренот во вториот дел. Одново во игра влезе Иван Пешиќ на голот, но сега бранеше „ала Штербик“, симнуваше зицери, двојну шутери... Барса си беше машина со ротации на точно одредени минути, без премногу фантазија, со Енгесан и Мем како решение за одбраната на Белорусите.
Се играше гол за гол, а две грешки во напад на Белорусите во финишот, кога бркаа реми ги однесоа до минус три. Барса постигна и последен гол за победа од четири гола и слави победа извојувана на сила, со мускули. Убавината на ракометната игра на овој меч беше на страната на Мешков Брес. За жал не и резултатот.