Еурофарм Пелистер е во напредна, финална фаза на склопување на играчкиот кадар за следната сезона. Играчки промени има, тимот ќе биде поинаков од септември.
Битолчани работат цела сезона не само на тековната, туку и за следната година. Дојдоа неколку нови имиња, почнувајќи со капиталното засилување Карим Хендави веднаш по мундијалот, па се до Кубанецот Рејниер Табоада со кого потпишаа вчера. На списокот се уште и Марко Кизиќ и Немања Обрадовиќ, а нови играч(и) ќе има.
Паралелно со доаѓањето на новите ракометари, се решава и прашањето на играчите со кои ќе биде или нема да биде продолжена соработката, а се дел од сегашниот тим на битолскиот клуб.
Потврдено, од клубот заминуваат двајца ракометари. Тоа се хрватскиот интернационалец Марин Вегар моментално на рехабилитација и црногорското десно крило Мирко Радовиќ.
Списокот овде нема да биде затворен, но засега нема официјална одлука кој ќе биде следниот што ќе замине или пак кој ќе биде следниот што ќе добие нов договор.
На овој список има најмалку двајца ракометари. И додека главнината на тимот како Мандалиниќ, Периќ, Мараш... е мирна во овој поглед, на списокот има и ракометари со кои ќе се разговара за нивниот натамошен статус. Меѓу нив се леворакиот бек Невен Стјепановиќ и уште едно десно крило - Милан Ѓукиќ.
Неофицијалните информации се дека се поблиску до излезот, но тоа се нефицијални информации и нивната точност е дискутабилна. Од клубот, велат дека ќе се разговара, а потоа ќе видиме што ќе биде.
Поприлична „гужва“ има пред голот. Со доаѓањето на Марко Кизиќ и Карим Хендави, плус таму се уште и Градимир Чаневски кој најави заминување, но со кого исто така ќе се разговара и Благојче Трајковски веќе има четири голмани што ќе бараат минутажа, а во пракса обично двајца голмани се сами за себе доволна конкуренција.
Нови играчи ќе има. Десно крило гледајќи го актуелниот состав веројатно ќе биде приоритет.