Т. ПРОЛЕТ - Е. ПЕЛИСТЕР 2 27-25 (16-9)
Т. Пролет режираше драма во финишот на натпреварот, но успеа благодарение на празната мрежа на гостите и одбранетиот седмерец на Петар Ангелов - Диви, на крајот да запише победа од 27-25 над борбената екипа на Е. Пелистер 2.
Од 17-10 во 32 до 23-22 во 52 минута и потоа драма што траеше до 59 минута. Полувреме посебно вредно за одбележување од дуелот меѓу Т. Пролет кој грчевито се бори за одржување на разликата што како трет на табелата ја има пред ривалите што се на делба на четвртото место. Во ситуација кога „кикс“ не е дозволен, последните 10 минути ги кинеа нервите на домашните, кои сега имаат причина по овој натпревар и да прослават.
Битолчани се претставија како тим што не се предава и успеаја да стигнат до момент на пресврт. Не им успеа затоа што при резултат 25-25, примија гол од седмерец, а потоа во последната минута имаа напад во кој не направија акција за шут, ја загубија топката и бидејќи беа без голман примија гол на празна мрежа. Сите дилеми потоа ги отстрани Петар Ангелов кој одбрани удар од седум метри и стави свој печат на средбата.
Сега Т. Пролет, рековме може да се опушти за кратко. Следи пауза во која тие нема да играат на Фајнал фор турнирот во Куп на Македонија, што гледано од светлата страна ќе му биде добредојдено на новиот тренер за воигрување, а потоа на 20 мај играат ново дерби, можеби клучен меч на кој противник ќе им биде Охрид.
Е. Пелистер 2, пак, веруваме ќе продолжи да биде трн за сите екипи со кои ќе се сретне до крајот на шампионатот.