Македонија ќе го добие новиот шампион во следното коло, на 20 мај
Ќе ја круниса ли Вардар сезоната со шампионска титула или пак Е. Пелистер ќе извлече силни адути од ракавот и ќе успее да направи чудо?
Одговорот ќе го добиеме на 20 мај за кога е закажана втората првенствена пресметка меѓу овие два тима, овој пат на теренот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
Вардар победи на првиот натпревар во Скопје, убедливо, 35-27 беше на средбата во Скопје. Според пропозициите по кои се игра во Супер лига, доколку на крајот на првенството два клуба имаат ист број на бодови, тогаш се гледа меѓусебниот скор.
Ова значи дека, ако Вардар и Пелистер до крајот на првенството победат на сите натпревари, што е реално и да се очекува, тогаш дуелите меѓу нив ќе решаваат која екипа ќе биде подобропласирана, односно првак.
Пелистер дури и да победи во Битола, нема да биде шампион доколку не победи со девет или повеќе голови разлика или пак да победи со осум гола разлика, но да прими помалку од 27 гола. Во случај и тој натпревар да заврши идентично 35-27, ќе се гледа вкупната гол разлика.
Во меѓувреме, можна, однсоно многу веројатна е уште една пресметка меѓу овие два клуба и тоа во финалето на Куп на Македонија што ќе се игра во „Автокоманда“ следниот викенд.