Вардар меѓу Веспрем и ППД Загреб

Со кого ќе игра Вардар во 1/4 финалето на СЕХА? Со Веспрем или со ППД Загреб? 



Вардар утре и гостува на Војводина на последниот меч од групната фаза во СЕХА Гаспром лигата. Равнките се одамна поставени. 

Ако утре Вардар победи или игра нерешено, тогаш во 1/4 финалето ќе игра елиминации со Веспрем. 
Ако утре Вардар загуби, тогаш ќе игра две елиминациски кола за пласман на Ф4. Првата средба ќе му биде најверојатно против Металопластика, а потоа со победникот од групата „А“, а тоа најверојатно ќе биде тимот на ППД Загреб. 

Ако Вардар игра против Веспрем, тогаш тоа ќе биде реприза на годинешното 1/8 финале во Лигата на шампионите. 
Ако игра против ППД Загреб, тогаш за прв пат на „Ф4“ во СЕХА нема да игра еден од основачите. Досега Вардар и ППД Загреб биле дел од сите „Ф4“ турнири. 

Што и да се случи, од 1/4 финалето ќе гледаме некои нови екипи. Тие натпревари ќе се играат по 15 август, што значи дека се во сосема нова сезона. 
Поинаков тим ќе биде Вардар без Чупиќ, Јотиќ, Дизингер, Кантегрел, Кизиќ, веројатно и Векиќ, можеби Талески, Засега најавени се Чувара, Кудуз, Гурбиндо, Ѓукиќ, а сигурно ќе има уште нови ракометари. 
Ништо чудно да има и тренерска смена. Веселин Вујовиќ од првиот момент кога Михајловски се врати на претседателската функција е кандидат број еден, а од неодамна се слуша и за можно враќање на Давид Писонеро на клупата на црвено-црните. Нема предолго да чекаме на расплет. Веројатно штом биде заверена шампионската титула дома, клопчето брзо ќе почне да се одмотува. 

Поинаков тим ќе биде и ППД Загреб кој одново гради респектабилен состав кој ќе бидат Чупиќ, Муса, Ивиќ, можеби Гојун... И таму како и кај Вардар ќе има уште нови ракометари. Засега Ивица Обрван изгледа сигурен на кормилото, но ППД Загреб прво треба да ја освои шампионската титула во Хрватска, а тоа и покрај одложувањето на дуелот со Нексе за 1.5 месец не му е завршена работа. Од тоа и најмногу зависи кој ќе биде тренер на Загреб во август. 

Веспрем, нема да биде многу поинаков. Тој и вака и така има два состави кадарни да играат во 1/4 финалето. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk