Дамите по шпанска виза во Романија

Женската репрезентација на Македонија денеска заминува за Романија, на прва бараж пресметка. 



Женската сениорска репрезентација од купот фаворити, за противник во бараж пресметките за СП Шпанија 2021 ја доби Романија. Селекција што никогаш досега не пропуштила настап на СП, а и сега во баражот влегува со улога на голем фаворит. 

Предводени од Кристина Неагу, ракометарка која изгради сопствен култ во Романија, па и светскиот ракомет противникот го чека двомечот со Македонија. Во репрезентацијата на Романија, слично како и во ЧСМ се е подредено на четирикратниот играч на годината според ИХФ.
Грубо и неблагодарно кажано, кога Романија (и ЧСМ) победува тогаш заслугите се за Неагу. Кога Романија губи, тогаш виновни се другите играчи затоа што Неагу не може се сама. 
Но, нема на избраничките на Симовски, а нив ги има вкупно 17, единствениот проблем да им биде Неагу. Корпулентниот пивот Крина Пинтеа е играч кој во моментов е сигурно во Топ 3 играчи на позицијата, не би се расправале премногу и со тие што сметаат дека е најдобриот пивот. 
Не би ја прескокнале ниту Елиза Бучесчи, ниту пак двете ракометарки од помладата генерација, играчи што се прославија со златниот медал од јуниорскиот мундијал во Македонија 2015 година - Кристина Ласло и Бјанка Базалиу. 

Македонската репрезентација попладнево (16:00ч) со чартер лет од Скопје заминува за Букурешт. Симовски води 17 ракометарки, а последни од списокот од 20 играчи отпаднаа Тамара Ивановска, Марија Јовановска и Теодора Дуковска. 

Првиот дуел со Романија е закажан за утре од 17:00 часот, а потоа следи реванш во Скопје на 21 април. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk